| четврток, 6 декември 2018 |

Постапка против двајца министри: Кривични пријави за Царовска и Николовски

Крсте Јовановски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека СДСМ ги злоупотреби државните ресурси и сите институции во целост ги стави во нивна политичка функција, па во текот на кампањата министрите наместо да работат за доброто на граѓаните, нуделе се и сешто за потребите на партијата.

– ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе кривична пријава до Љупчо Николовски, министер за земјоделство, водостопанство и шумарство и Мила Царовска, министер за труд и социјална политика заради Поткуп при избори и гласање, кривично дело според чл.162 од КЗ на Република Македонија. Љупчо Николовски од позиција на Министер за земјоделие во тек на изборната кампања за локалните избори ветуваше олеснување на процедурата за полагање ловечки испит, со што од позиција на министер од СДС директно влијаеше на гласачите за давање на своите гласови за кандидатите на СДС. Мила Царовска, од позиција на Министер за труд и социјални работи во тек на изборна кампања ветуваше зголемување на минималната плата и зголемување од 2% за вработените во градинките, кои се под директна ингеренција на МТСП и единиците на локална самоуправа. Со цел предизборна манипулација на гласачите и со свесност дека истото ќе влијае на изборот на гласачите на денот на изборите, рече Јовановски.

Како што кажа тој, Николовски и Царовска свесно го извршиле кривичното дело со цел нивната партија да се стекне со поголем број на гласови и тие свесно ја злоупотребиле позицијата на први луѓе во министерствата за да помогнат на нивните кандидати за советници и градоначалници.

– Министер во Влада на Република Македонија е службеник за сите граѓани на Република Македонија, но наместо тоа министрите од СДС во тек на локалните избори одеа по партиски собири и ветуваа работи кои не зависат од локалната власт, туку од централната, се со цел да ги наведат гласачите да гласаат за кандидатите на СДС. СДС ја избриша границата помеѓу државата и партијата и сите државни ресурси ги стави во погон на партијата. СДС злоупотребувајќи ја државата изврши тежок изборен фалсификат и влијаеше на волјата на граѓаните, рече Јовановски.

Тој рече дека граѓаните биле исплашени, измамени, уценети и поткупени.

– Граѓаните беа предмет на систематски изборен инженеринг од страна на власта со помош на криминални начини и методи. ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш потенцира дека сите прекршители на законите кои охрабрени од моменталната власт извршија кривични дела за потребите на СДС ќе одговараат согласно закон со враќањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт кога ќе се креираат услови за фер, и за кривично и правично судење согласно законите на Република Македонија, вели Јовановски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top