Двајца членови на Владата се под истрага, изјавил денеска премиерот Зоран Заев по одржувањето на Самитот Македонија 2025.
– Мој приоритет е во Македонија да не се повторуваат грешките од минатото, пред сè, корупцијата. Законот мора да важи еднакво за сите, зашто само така може да се овозможи доаѓање на инвестициите – рече Заев.
Како што рече, врз основа на пријава на граѓани, покрената е истрага против две лица, кои се во Владата, а кои се на власт од крајот на летото.
– Работат само два месеца и веќе се под истрага. Понатаму не сакам да кажувам детали – додал Заев, според кој сузбивањето на корупцијата е многу важно прашање за регионот и за Македонија во правец на привлекување на инвестиции.
И додека Заев се истрча да каже дека „двајца членови на Владата се под истрага поради корупција“,од Владата подоцна преку соопштението ја корегираа изјавата на Заев, нагласувајќи дека премиерот во изјавата рекол дека „се води истрага против двајца високи претставници на власта“.
Инаку, Заев изјавата ја дал на англиски јазик, одговарајќи на прашања на учесниците на панел-дискусијата.
– Доколку ние ги фокусираме нашите напори да ја искорениме корупцијата, овој чекор ќе биде силен ветер во грб за целото општество. Но, исто така, транспарентноста е многу важна. Ова го кажувам првпат, јас постојано ги охрабрувам граѓаните на нашето општество да пријавуваат потенцијални случаи на корупција и како резултат на тоа, во моментов се води истрага по овие дојави за двајца високи претставници на власта, кои се на должност неколку месеци. Се разбира, ова е само истрага, не можеме да откриваме повеќе детали. Со ова сакам да кажам дека законот мора да важи еднакво за сите – изјавил Заев, пишува во соопштението на Владата.
Гласно се поставува тука прашањето од каде Владата предводена од СДСМ има информации какви истраги и против кого води Обвинителството, како премиерот ги има овие информации, ако се знае дека информациите за работата на Обвинителството се тајни. Од Владата се уште нема одговор за спрегата со Обвинителството.
Со реакција за изјавата на Заев денеска излезе и опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Од таму велат со изјавата на Зоран Заев дека обвинителството наводно водело истрага за криминал на двајца членови од владата, Заев потврдува дека постои директна спрега помеѓу СДСМ и јавното обвинителство кое се користи за механизам за дисциплинирање, закана и уцена.
-Имено, постапките во обвинителствата се тајни и во ниту еден случај премиерот не би требало нити би можело да знае што работат обвинителите кои се посебен државен орган, но со оваа изјава на премиерот се потврдува дека Заев во суштина е нарачател на работата на обвинителите, факт кој е скандалозен и тотално незаконски. Сега е јасно дека Заев освен што е инсталиран премиер, е и шеф и на државното и на специјалното обвинителство, со што се врши директно загрозување на функционирањето на правниот систем , и од тука не е воопшто чудно што на срамен начин се организираа, легитимираа и легализираа најкриминалните избори кои се случија во изминатиот месец, стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
-Сето ова е театар во кој Заев аболиран за криминалот во Глобал од 8.5 милиони евра, човек против кој се одолговлекува судски случај за барање на мито од 200 илјади евра, и кој во Струмица на своите фирми, и фирмите на своите братучеди и блиски им делеше милионски тендери, сака да се престави како лажен борец за правда. Бидејќи веќе и јавно не се крие спрегата помеѓу обвинителство и СДСМ, го повикуваме Заев јавно да ги објави осомничените криминалци од неговата влада-потенцираат од ВМРО ДПМНЕ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.