Автори на изложбата „За спомен и долго сеќавање“се: м-р етнолог Славица Христова, м-р етнолог Татјана Ѓорѓиовска, кустос етнолог Оливера Џартовска Тачевска. Автори на каталог: Борис Ноневски, м-р етнолог Славица Христова, м-р етнолог Татјана Ѓорѓиовска, кустос етнолог Оливера Џартовска Тачевска
Изложбата „За спомен и долго сеќавање“, преку збирката оригинални фотографии на Музејот на град Скопје, ги претставува значајните моменти од животот на скопјани, сведочи за минатото и ги обновува сеќавањата. Најголемиот број на прикажани фотографии се од периодот помеѓу двете светски војни 1918 – 1941 година, од кога нѐ дели скоро еден век, а мал дел фотографии се од периодот по војната. Изложбата го позајми својот наслов по единствената порака која ја имаат голем дел од фотографиите „за спомен и долго сеќавање“. Таа е најсуштествената интимна порака на секоја фотографија. Спомените се содружници на паметењето и често ги прелистуваме во мислите.
Збирката на Музејот на град Скопје содржи над 300 оригинални фотографии со различна тематика. Прибирањето на фотографиите во збирки е изведувано преку подарување или откуп од приватни лица и колекционери. Првобитната средина во која настанале не е единствениот облик на живот на фотографиите. Тие со преселбата во Музејот, освен апликативната научно-истражувачка вредност, во себе носат поширок потенцијал. Преку изложбата сакаме да го прошириме нивниот живот и регистерот на доживување. Првичниот мотив за нивното настанување бил да се овековечи еден миг, да се документира еден настан кога животот излегувал од вообичаените текови: родендени, веридби, свадби, крштевки, излети, патувања… Од денешна дистанца тие пожолтени фотографии, освен што будат спомени за минатите времиња, кај гледачот поттикнуваат љубопитност и зачудност за изменетите или исчезнати предели, старите архитектонски градби, за стилот на животот и модата, отварајќи можност за нивно уметничко доживување.
Изложените оригинални фотографии се изработени во професионални фотографски ателјеа од Скопје, а дел од приватни фотоаматери. Некои од изложените фотографии се со нивната оригинална рамка, која ја пратела тековната мода на опремување на фотографскиот производ, и биле дел од ентериерот на градската куќа.
Преку фотографијата се согледува опшествената положба на фамилијата, нејзината економска моќ, професијата, местото на живеење, куќата, покуќнината, храната, облеката, како и нејзиниот општествен и духовен живот. Повеќето од фотографиите се семејни и поединечни портрети, брачни двојки, моменти од животниот циклус (новороденче, свадба, погреб), фотографии од ученичкиот и професионалниот живот, културно-забавни и спортски настани (балови, кафеани, матинеа, маскирања, излети, летување, прошетки, спортски настани и др.). Многу често луѓето се фотографирале во куќата, дворот, маалото, а секоја фамилија го снимала и својот дуќан, работилница или фабрика.
Временската дистанца која не дели од овие фотографии е голема. Тие се сочувани во музејот. Чувството да можеш да ги допреш, гледаш и проучуваш е фасцинантно. За спомен и сеќавање ѝ ги претставуваме на публиката.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.