Организацискиот тим на Фестивалот на европската книжевност „BookStar“ утре организира гостување на словенечката писателка Јела Кречич Жижек. Со почеток во 20 часот, во Клуб ресторанот МКЦ ќе биде промовиран нејзиниот роман„Нема друга“, во издание на „Антолог“ и во превод на Драгана Евтимова. Книгата е објавена со поддршка на програмата Креативна Европа на Европската Унија.
Оваа иронична комедија за 21 век ќе ја промовира новинарката и литературна критичарка Илина Јакимовска.
„Нема друга“ е оригинална и комична приказна за сложените човекови односи во современите времиња. По разделбата со долгогодишната девојка, Матјаж паѓа во тешка депресија. Но, по некое време, донесува одлука дека патот до нејзиното срце води преку друга врска. Односно врски. Но планот излегува позамрсен од тоа што очекувал. Тој тргнува на одисеја од „мувања“ на една вечер со редица девојки по познати места во Љубљана, но и од поранешна Југославија. Средбите и жените се најразлични, но Матјаж секогаш доаѓа до истиот заклучок: дека нема друга како бившата. Кречич создала метафора на љубовта во денешното општество, но и урнек на прикриен женомразец типичен за новиот милениум, кој ни го ставила на тацна.
Познатиот словенечки философ Славој Жижек за процесот на пишување на книгата од неговата трета сопруга има изјавено: „Морам да признам дека ’Нема друга‘ ме преплаши. Јас сум жртвата при пишувањето на оваа книга. Сега зборувам како претставник на работничката класа. Додека жена ми ја пишуваше својата книга во вечерните часови, јас имав други задачи: јас морав да цедам портокали за да има свеж сок, да ги мијам садовите, да правам чај и така натаму и така натаму…“
Кречич во својот роман прави карикатура на современите љубовни врски и прецизна скица на недоветниот љубовник на 21 век. Преку алтернативниот и ноќниот живот во Љубљана, Метелкова, лесните пороци и кратките врски, Јела Кречич низ дијалозите ги отвора и најголемите култоролошки феномени на современото општество: борбата меѓу идеологиите, консумеризмот, „њу ејџ“ филозофијата, капитализмот, религијата, атеизмот, феминизмот и слободата на говорот, за на крајот сето тоа да биде насочено кон латентниот шовинизам, кој е присутен насекаде.
Ова е одлична балканска трагикомедија што го зближува јазот помеѓу современоста и традицијата на овие простори.
Саркастична, критична и со остар стил на пишување, оваа новинарка, колумнистка и филозофка дипломирала на тема уметничките манифести во словенечката авангарда. Докторирала философија. Пишува за најголемиот весник во Словенија, „Дело“, каде што во 2013 година на словенечки и на англиски јазик објавува ексклузивно интервју со Џулијан Асанж, што ја прави меѓународно позната личност. Истата година стапува во брак со влијателниот философ Славој Жижек.
На 28 октомври во 11 часот во Книжарницата „Антолог“ (ул. „Димитрие Чуповски“ бр. 31) ќе се одржи и средба, „упанишад“, со Јела Кречич, на која читателите ќе имаат можност да ја запознаат оваа авторка одблиску.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.