Македонскиот филм „Исцелител“, со интернационален наслов „Secret Ingredient”, на режисерот Ѓорче Ставрески, е селектиран во официјалната натпреварувачка програма на светски познатиот филмски фестивал „Црни ноќи“ во Талин, Естонија, кој е домаќин на над 700 делегати од филмската индустрија.
Филмот ќе има интернационална премиера во програмата „Први долгометражни филмови“ и трипати ќе биде прикажан за време на фестивалот.
Во филмот играат Благој Веселинов, Анастас Тановски, Аксел Мехмет, Димe Илиев, Александар Микиќ, Мирослав Петковиќ и Симона Димковска. Сценарист е Ѓорче Ставрески, автори на музиката се Бранислав Николов, Пеце Трајковски-Брада и Гоце Јованоски, директор на фотографија е Дејан Димески, монтажер е Мартин Иванов, мајстор на тон е Игор Поповски, сценограф е Симо Бранов, костим – Раде Василев, а шминката е на Мојца Горогранц Петрушевска.
Македонската премиера ќе биде на 19 ноември во рамки на фестивалот „Синедејс“.
„Црни ноќи“ е еден од 15-те водечки филмски фестивали во светот, единствен во нордискиот и балтичкиот регион акдредитиран во престижната А-категорија и еден од најголемите во Северна Европа. Има три компетитивни програми: Официјална селекција, Први долгометражни филмови и Естонски филмови. Покрај нив, има и некомпетитивни програми и ретроспективи, а домаќин е на еден од најголемите настани во филмската индустрија, „Tallinn Industry”.
Фестивалот „Црни ноќи“ е формиран 1997 година и ова е негово 21. издание. „Исцелител“, пак, е прв македонски филм кој ќе биде прикажан на овој фестивал во натпреварувачка програма.
Фестивалските проекци и настани привлекуваат над 80.000 посетители кои можат да погледнат филмови од преку 70 земји.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.