| четврток, 6 декември 2018 |

„Исцелител“ на Ѓорче Ставрески во трка за најдобар филм во Талин

Македонската премиера ќе биде на 19 ноември во рамки на фестивалот „Синедејс“

Македонскиот филм „Исцелител“, со интернационален наслов „Secret Ingredient”, на режисерот Ѓорче Ставрески, е селектиран во официјалната натпреварувачка програма на светски познатиот филмски фестивал „Црни ноќи“ во Талин, Естонија, кој е домаќин на над 700 делегати од филмската индустрија.

Филмот ќе има интернационална премиера во програмата „Први долгометражни филмови“ и трипати ќе биде прикажан за време на фестивалот.

Во филмот играат Благој Веселинов, Анастас Тановски, Аксел Мехмет, Димe Илиев, Александар Микиќ, Мирослав Петковиќ и Симона Димковска. Сценарист е Ѓорче Ставрески, автори на музиката се Бранислав Николов, Пеце Трајковски-Брада и Гоце Јованоски, директор на фотографија е Дејан Димески, монтажер е Мартин Иванов, мајстор на тон е Игор Поповски, сценограф е Симо Бранов, костим – Раде Василев, а шминката е на Мојца Горогранц Петрушевска.

Македонската премиера ќе биде на 19 ноември во рамки на фестивалот „Синедејс“.

„Црни ноќи“ е еден од 15-те водечки филмски фестивали во светот, единствен во нордискиот и балтичкиот регион акдредитиран во престижната А-категорија и еден од најголемите во Северна Европа. Има три компетитивни програми: Официјална селекција, Први долгометражни филмови и Естонски филмови. Покрај нив, има и некомпетитивни програми и ретроспективи, а домаќин е на еден од најголемите настани во филмската индустрија, „Tallinn Industry”.

Фестивалот „Црни ноќи“ е формиран 1997 година и ова е негово 21. издание. „Исцелител“, пак, е прв македонски филм кој ќе биде прикажан на овој фестивал во натпреварувачка програма.

Фестивалските проекци и настани привлекуваат над 80.000 посетители кои можат да погледнат филмови од преку 70 земји.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top