Првпат од постоењето на Фестивалот на европски филм „Синедејс“ кој заврши синоќа во скопското кино „Милениум“ тој се затвори со македонска премиера и тоа со дебитатснкиот филм на младиот Ѓорче Ставрески, кој е сценарист и режисер на филмот.
Во „Исцелител“, приказна за синот кој нема пари да му купи лекови за рак на болнот татко па почнува да го лечи со алтернативна медицина, главните улоги ги толкуваат Благој Веселинов и Анастас Тановски, камерата е на Дејан Димески, а филмот од денеска игра на редовниот репертоар во кината „Милениум“ и „Синеплекс“ во Скопје.
Филмот е македонско-грчка копродукција, финансиски поддржан од Агенцијата за филм на Република Македонија, Грчкиот филмски центар и SЕЕ Cinema Network. Во филмот уште играат и Аксел Мехмет, Димe Илиев, Александар Микиќ, Мирослав Петковиќ и Симона Димковска. Продуцент е Ѓорче Ставрески, автори на музиката се Бранислав Николов, Пеце Трајковски-Брада и Гоце Јованоски, директор на фотографија е Дејан Димески, монтажер е Мартин Иванов, мајстор на тон е Игор Поповски, сценограф е Симо Бранов, костим – Раде Василев, а шминката е на Мојца Горогранц Петрушевска.
Еден ден по премиерата, режисерот Ставрески и дел од екипата имаа средба со новинарите.
Ставрески потенцира дека со оваа црна комедија сакал да го сврти вниманието на нашиот распаднат здравствен систем кој, за жал, одвреме-навреме ние мора да го користиме.
– Ја гледав земјата низ годините како пропаѓа во таа сиромаштија. Израснав секуларно, им верувам на науката и на математиката. Тоа отсекогаш ме интересирало. Низ годините се почесто слушав како луѓето веќе не веруваат во медицината и во моќта на науката, туку напротив, поблиски им стануваат тврдењата за теории на заговор или некои исцелители кои би можеле да им помогнат. И тоа ме запрепасти! На една забава, во нефорламен разговор со повеќе луѓе дојдов до заклучок дека многумина не веруваат во еволуција, туку напротив, имаат свои теории за настанокот на човекот. Тоа, на некој начин е поврзано со пропаѓање на сите наши здрави вредности на коишто би требало да се темели едно општество, вклучувајќи ги тука здравството и образованието. Така дојдов до таа идеја да направам филм кој ќе говори за тоа рушење на рационалните вредности. Сметам дека кога еден човек е болен, прво треба да отиде на лекар, и таму да добие помош. Но, потоа, ако навистина кренат раце од тебе, тогаш треба да се побараш друга алтернатива. Ние сега ја немаме таа шанса – рече Ставрески.
Сценариото за филмот е од 2010, а филмот е работен 6-7 години. Првите три драфта биле драма, но потоа Ставрески сфатил дека му е интересен жанрот комедија, па „Исцелител“ станал црна комедија. Ставрески во омнибусот „Скопје ремикс“ има кус филм комедија.
Анастас Тановски го толкува ликот на таткото кок боледува од рак на белите дробови.
– Во градењето на мојата улога тргнав од идејата дека сите сме свој космос за себе и кога космосите ќе се судрат меѓу себе, тоа е феномен – рече Тановски, додавајќи дека еден тежок жанр како што е црната комедија успеале да го направат доста пристоен.
Благој Веселинов го толкува ликот на Веле, синот што е во потрага по делотворниот лек.
– Ова мене ми е прв сериозен проект во кој го толкувам главниот лик. За да го доловам ликот од тој социјален слој, поминував многу време со вработените во Железничкото депо иако, мене таа средина не ми туѓа, бидејќи потекнувам од работничко семејство. Темата ме допира како и секој друг во оваа држава во која сиромаштијата е наше секојдневие. Влегов несигурно во една многу сигурно подготвена средина за градење на ликот – рече Веселинов, кој додека го снимал филмот се соживеал со работниците во депото. Дел од нив се и статисти во филмот.
Според актерот Аксел Мехмет, токму пренесувањето на таа сеприсутна сиромаштија на филм е тешка задача зашто, рече, во Скопје може во секој момент секој лесно да ја слика со телефон.
– Вакви теми има многу и има многу обиди да се сними сиромаштијата. Но ова не е само меланхолична слика, туку драматуршки и режисерски стокмен филм – рече Мехмет.
Ставрески го фасцинира феноменот на сиромаштијата.
– Парите многу лесно одат кај богатите, а надолу може да се спушат само со револуција и со војна. Почнува една дискусија која беше контроверзна, сега се враќа на голема врата, а тоа е плата за сите, плата за живот. Ефектот на осиромашување почнува во 70-те години на минатиот век. Се повеќе има луѓе кои завршуваат на улица, посебно со појава на роботика и автоматизација – вели Ставрески.
На филмот му претстојат гостувања на фестивали во Естонија, Индија, Белгија и во Санта Барбара, САД.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Специјална проекција на филмот „На мапата“ посветен на Тал Броди, кошаркар на „Макаби“
-
„Младешка осаменост“ – хибридниот документарец на Клер Симон во кината низ Македонија
-
Детскиот филм „Господин Мол и фабриката за чоколадо“ во кината низ Македонија
-
„Македокс“: Зимска реприза на филмот „Над возможното“ во кино Култура