Вистинска бура на реакции на социјалните мрежи предизвика новиот предлог закон за пушење на Владата со кој ќе се дозволи во угостителските објекти во кои не се служи храна да се пушат цигари.
Основниот нацрт на законот беше најавен од премиерот Заев, кој можноста да се пуши во угостителските објекти, ја окарактеризира како „право на избор“.
-Комплетна либерализација и право наа избор пред се на угостителските објекти каде не се служи храна да имаат право да изберат, ако сакаат да биде дозволиво за пушење тие да имаат право со лиценца тоа да биде нивен избор, ако имаат право да бидат за непушачи тоа да биде нивен избор. Апсолутно тоа не се однеува таму каде што се служи храна. Работат стручни луѓе, сакаме меѓународна пракса, рече Заев.
Граѓаните и јавните личности на социјалните мрежи коментираат дека промената на законот нема никаква врска со правото на избор, затоа што кога ќе се легализира пушење на затворено, ќе се ускрати правото на непушачите да дишат чист воздух. Во полемиката влегоа и пратениците Ивана Туфегџиќ и Павле Богоевски кои себеси се претставуваат како независни од СДСМ во Собранието, иако беа избрани на партиските листи и во овие полемики го бранат партискиот став.
Во исто време, многумина коментираат дека овој закон има за цел само СДСМ да собере ситни политички поени пред претстојниот втор круг од локалните избори.
Новинарката Светлана Јовановска, која важи за исклучително блиска со СДСМ, овој закон го квалификуваше како „евтин популизам“, иако, како што вели и самата е пушач.
Со сличен коментар излезе и новинарката Емилија Лазаревска, која истакна дека овој закон не е европски, иако ни го претставуваат како таков.
И Кристина Озимец од Дојче Веле на македонски, која во исто време беше демонстрант на шарената револуција изминатите години, застана против законот за пушење.
Ивор Мицковски од СДСМ, вели дека раководството на неговата партија со овој закон само сака да ја дефокусира јавноста.
Со сличен став е и невладиниот активист Миша Поповиќ, кој смета дека е срамота да се менува овој закон, затоа што актуелниот е европски а во државата има многу други проблеми за решавање.
Новинарката Марина Костова ја фрли ракавицата и ги праша пратеничката Ивана Туфегџиќ и пратеникот Павле Богоевски дали ќе гласаат против јавниот интерес а за укинување на цивилизациските придобивки од непушењето на затворено?
Пратеникот и пратеничката кои себеси се претставуваат за независни од СДСМ во Собранието, иако беа избрани на партиските листи, сепак одлучија да го бранат партискиот став.
Уште многу други граѓани и јавни личности застанаа против предлог законот на СДСМ. Тие му порачуваат на Заев да се фати за крупните работи во државата наместо да тера евтин популизам и да бега од она што го ветуваше пред избори.
Една од причините поради која СДСМ го бранат овој закон е затоа што тој ќе донел поголем профит за угостителите и ќе го раздвижел угостителскиот сектор. Статистиките го покажуваат спротивното, дека по воведувањето на забраната за пушење во угостителските објекти, профитот на угостителите се зголемил.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.