| четврток, 6 декември 2018 |

22 Октомври,  светски ден на свесност за пелтечењето

 

М-р Нермин Теловска, логопед, специјалист за дисфлуентни нарушувања на говорот

 

Иако многумина кои пелтечат,  тоа не ги спречило да станат врвни уметници, спортисти, политичари или банкари, сепак пелтечењето, може да биде голем проблем во животот. За  пелтечењето кое претставува нарушување на вербалната комуникација, постои долг историски интерес и најразлични шпекулации за неговата етиологија и третман, сè уште е мистериозно и конфузно, се нарекува статеринг (stuttering), стамеринг (stammering), кеклемек (keklemek), блбзој (belbëzoj), штотен (stottern), бегемо (bégaiement), батос (battos), заекване, муцање, балбуциес (balbuties). Пелтечењето ги измачувало Демостен (Demosthenes), кој се обидувал да го контролира зборувајќи со камчиња во устата, римскиот император Клаудиј (Claudius), Исак Њутн (Isaac Newton), кралот Џорџ VI (King George VI) и британскиот премиер Винстон Черчил (Winston Churchill), кој гледал на своето благо пелтечење како интересен елемент на неговиот глас: „Понекогаш благо и не непријатно пелтечење ми било од помош за да го обезбедам вниманието на публиката“ (Harrison, 2011).

Негативните емоции, срамот и фрустрацијата и други што се јавуваат поради неможноста за искажување или дури и за личното  претставување,  доведуваат до зголемување на тензијата и влошување на говорот, што понатаму влијае на промена на ставовите на личноста во врска со своите способности за говор. Целата оваа ситуација доведува до нарушување на квалитетот на живеење на лицето што пелтечи и проблемот пелтечење станува многу покомплексен. Од ова произлегува потребата за подигнување на свесноста кај луѓето за значењето и тежината на овој проблем, како и за создавање квалитетен, високо остручен кадар кој ќе го третира успешно. Во процесот на третманот потребно е вклучување субјекти од непосредното опкружување на клиентот, односно поддршка од страна на семејството, училиштето или, ако станува збор за возрасно лице, од работната организација.

Тешкотиите во дефинирањето на овој ентитет произлегуваат од различните аспекти на видување на проблематиката, како и од различните форми на неговото манифестирање. Пелтечењето e проблем на организацијата и синхронизацијата на моторната активност на мускулните групи кои го извршуваат моторното дејство при обликувањето на гласовите и модулацијата на говорниот израз. До пелтечење доаѓа кога текот на зборовите е прекинат со двоумење, застанување, репетиции или пролонгации на гласовите. Флуентноста е прекината со спазам и абнормалности во фонацијата и во дишењето. Се состои од моменти на говорни прекини со такви зачестености и абнормалности кои го привлекуваат вниманието, интерферираат со комуникацијата и доведуваат до неприспособеност. Пелтечењето може длабоко да го афектира секој дел од животот. Лицата што пелтечат најчесто имаат проблем да се претстават, да ја кажат адресата, да одговорат на телефонски повик, да нарачаат храна, да побараат карта или влезница или да направат нешто друго кога се побарува говор. Многумина од нив се свесни за нестрпливоста на слушателот и за непријатноста додека ги чека да се искажат. Секако, ова предизвикува чувство на притисок во ситуацијата и доведува до влошување на пелтечењето. Кога некој му го завршува зборот или реченицата на лицето што пелтечи, може да дојде до погрешна формулација на пораката, до уште поголем стрес и појава на негативни емоции, што доведува до инхибиција од социјални ситуации и го попречува живеењето комплетен социјален живот. Пелтечењето доведува до развој на негативни емоции како: анксиозност, страв, срам, чувство на вина. Високото ниво на анксиозност го афектира животот на лицата со пелтечење, го нарушува квалитетот на живеење, нивниот однос кон секојдневната комуникација и им ја намалува самодовербата.

Каков ефект ќе се постигне со интервенција зависи од многу фактори и ниту еден метод на терапија не може да биде со ист ефект за сите. Во текот на историјата се применувале многу различни тераписки пристапи. Како што кажал Бладстин, не постои терапија која ќе им помогне на сите што пелтечат. Денес повеќето терапевтски пристапи се комбинација на основните модели на терапија: Обликување на флуентноста (Fluency shaping), Модификација на пелтечењето, електронски уреди и методи на релаксација и психомоторна реедукација. Испробани се и фармаколошки средства, но речиси сите од нив се со несакани ефекти или дале сосема мал терапевтски ефект во целина. Во многу земји најчести и најприфатливи за повеќето возрасни се групите за самопомош и поддршка на лица со пелтечење.

Евалуација на терапијата зависи од кои аспекти ќе се прави процена на пелтечењето.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top