Нермин Теловска, магистер по логопедија и долго годишна љубителка и практикантка на јога
Јогата е пат до себереализацијата, чувството на слобода и среќа. Генералното собрание на Обединетите нации на 11.12.2014 година, ја одобри резолуцијата за воведување на 21 јуни како Меѓународен ден на јогата.
Многу научни студии докажаа индиции и конкретни начини на кои јогата го подобрува здравјето. Според поновите дефиниции за здравјето, тоа не претставува само отсуство на болест туку во најширока смисла, тоа има повеќе димензии, меѓу кои и доховната димензија а не само физичка, психичка и социјална. Хата јога може да се сфати како здравствено образование, преку неа се постигнува прочистување на организмот од насобраните отрови, преку вежбите за дишење, положби и релаксација. За разлика од многу филозофски системи, кои се занимаваат главно со внимателно истражување на човекот, животот и светот, системот на јога става акцент на практични физички и ментални вежби со цел да ги развие сите потенцијали на поединецот.
Главната цел во јогата не е физичката разгибаност туку свесноста и саморазвојот. Важноста на практикувањето јога се повеќе се рефлектира во резултатите постигнати во работата со децата со посебни потреби и лицата од третото доба. Јогата го поттикнува физичкото здравје, ја нормализира активноста на физиолошките системи, помага во воспоставувањето на емоционалната рамнотежа, го стимулира креативното изразување, го зајакнува креирањето на самата поддршка, насочувајќи го поединецот кон откривање на внатрешните потенцијали кои го поврзуваат со значење.
Денешното потрошувачко општество наметнува брзо темпо на живот во кое човекот нема доволно време за себе, има чувство дека деновите му летаат, чувствува замор, се јавува прекумерна тежина, незадоволство и апатија, нарушен квалитет на животот. Од тука произлегува се поголемата потреба од јогата во која може да се препознае начин за справување со ваквите проблеми.
Да излеземе од виртуелниот свет на социјалните мрежи и да си посветиме дел од времето на себе си, да ја осознаеме целта и радоста на сопственото битисувањење, бидејќи сите тоа го заслужуваме.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.