Јуриј Гагарин, првиот човек што одлета во вселената, загинал во авионска несреќа во 1968 година. Тој со авион „МИГ-15“ се обидел да одбегне друг авион, што имал неавторизиран лет. Леталото поминало премногу блиску до авионот на Гагарин. Досега се тврдеше дека Гагарин загинал од „непознат објект“, како што е јато птици или метеоролошки балон.
Ова е првпат официјално да се објави причината за несреќата. За неа зборуваше познатиот космонаут Алексеј Леонов, член на државната комисија што го истражуваше загинувањето на Гагарин. Тој 20 години се обидуваше да добие дозвола да ги изнесе деталите на истрагата за смртта на Гагарин и да ја разреши мистеријата што беше проследена со многубројни шпекулации околу загинувањето на првиот космонаут.
– Пилотот на авионот „СУ-15“ не ги почитувал прописите и се симнал на висина од 450 метри. Го знам тоа бидејќи присуствував на инцидентот, а разговарав и со други сведоци. „СУ-15“ додека се симнуваше, му се доближи на авионот на Гагарин на само 10-15 метри, и тоа во облаци. Поради тоа авионот на Гагарин падна со брзина од 750 километри на час и му немаше спас – изјави Леонов.
Сепак, името на пилотот што ја предизвикал смртта на Гагарин останува тајна. Леонов доби дозвола да раскаже што се случило, но под услов да не го открива идентитетот на пилотот кој ја предизвикал несреќата. Единствено што е познато е дека пилото сега има 80 години и е во лоша здравствена состојба.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.