| четврток, 6 декември 2018 |

Зошто Тито никогаш не доби Нобелова награда за мир?

Јас не ја добив Нобеловата награда за мир поради Голи Оток, иако за оваа награда ме предлагаа над стотина државници од целиот свет. Норвешкиот крал бараше од мене пред целиот свет да се извинам поради Голи Оток

Меѓународните признанија кои Тито во текот на својот живот ги добил речиси и не можат да се пребројат. Тој е единствената личност од Хрватска и околните држави кој двапати бил на насловната страница на угледниот и влијателен магазин Тајм, го канеле и му доаѓале на гости најважните државници на светот, но единственото нешто што го сакал за навистина да го комплетира личниот успех била Нобеловата награда за мир. Тоа никогаш не се случи, а најблиску до оваа награда бил во 1973 година.

Одлуката да се лобира на сите страни е донесена на државно-партиско ниво во 1972 година. Тито требалод а биде предложен од Вили Брант, германски политичар и државник кој претходната година ја добил оваа престижна награда, потоа индиската премиерка Индира Ганди, па етиопискиот цар Хаиле Селасие, поранешниот секретар на ОН од Бурна У Тант, претседателот на Тунис Хабиб Бургиба, како и италијанскиот политичар Пјетро Нени, претседателот на Финска Урхо Калева Кеконен и претседателот на Светскиот еврејски конгрес Нахум Голдман.

За жал, ни ова влијателно друштво не било доволно за Тито да добие Нобелова награда, а зошто се случило тоа во своите книги го опишува Перо Симиќ, авторот на најмногу биографски книги за Тито, пренесува Експрес.хр.

Целата акција ја координирал Рато Дугоњиќ, тогашен потпретседател на Претседателството на СФРЈ, а според пишувањето на публицистот Мило Глигоријевиќ, за тоа Владимир Дедиер еднаш рекол:

-Мене ми се јави Дугоњиќ и ме праша дали би ја поддржал кандидатурата на Тито? Му реков дека ќе ја поддржам кандидатурата, но дека морам да го предупредам на еден битен факт, а тоа е дека Тито не е ни Евреин ни масон. А таа награда ја добиваат само тие.

Милан Терзиќ запишал дека во доверливите документи од ССИП (Сојузниот секретаријат за надворешни работи), акцијата требало да се води дискретно, за во случај на неуспех информацијата да не дојде до јавноста и поради угледот на Тито и поради угледот на целата држава.

Кандидатурата на Тито пред Комитетот за доделување на наградите ја поднеле претседателот на парламентот на Луксембург Пјере Грегоар и претседателот на Сојузот на учесници во движењето на отпорот во Германија за време на Третиот рајх, Карл Ајбах.

Работната група на ССИП морала да излобира и обезбеди гласови од 30 највлијателни државници и политичари од целиот свет што воопшто небила лесна задача. Но, на 12 декември 1972 година во извештајот на работната група било запишано дека се уште не е утврдено дали Грегоар го поднел официјалниот писмен предлог.

Сите најзначајни југословенски политичари и дипломати добиле задача да лобираат и да соберат поддршка, но никако не им успевало. Ранко Ѓукиќ во книгата “Топол зајак во Осло” пишува дека текстот за кандидатурата на Тито за Нобелова награда го подготвил Ѓорѓе Раденковиќ, тогашен надворешнополитички коментатор на весникот Политика. Но, на крајот во официјалната кандидатура останале само цитатите од значајни политичари кои убаво зборувале за Тито.

Меѓу оние кои ја поддржале кандидатурата на Тито биле и многумина од филмскиот свет – Чарли Чаплин, Луј Буњуел, Акира Куросава, Лоренс Оливие, Ингмар Бергман и многу други, но повторно безуспешно.

Некаде кон крајот на животот, Тито во еден говор пред највисоките воени и државни претставници рекол:

-Јас не ја добив Нобеловата награда за мир поради Голи Оток, иако за оваа награда ме предлегаа над стотина државници од целиот свет. Норвешкиот крал бараше од мене пред целиот свет да се извинам поради Голи Оток. Му реков: Ако некому треба да му се извинам тогаш тоа се оние кои таму стасале невини. На Информбировци не сакам да им се извинувам. Нобеловата награда не ја добив и никого не обвинувам за тоа. Јас самиот себеси си пресудив.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top