Според податоците на „Џонсонс архив“ (Johnston`s archive), од осамостојувањето на Македонија до 2010 година се извршени 218.338 абортуси. Тоа се оние што се легално пријавени, за кои се води евиденција. Во периодот од 1985 година до 1991 година, пак, се извршени 205.534 прекинувања на бременост. Архивата содржи податоци од 1960 година, но не се опфатени сите години. Па, така, од седум години, во периодот до 1984 година, абортирале 116.412 жени, што би значело 540.184 евидентирани абортуси. Или со други зборови, тоа би значело цело Скопје.
Од осамостојувањето наваму се бележи пад на бројот на абортуси. Но, стручњаците велат дека тоа не значи дека има помалку абортуси, туку со отворањето приватни клиники не се прикажува реалната бројка.
– Многу клиники наместо прекин на бременост, евидентираат интервенција на циста или некоја слична интервенција. Тоа го прават најчесто по барање на пациентките, особено во помалите места, каде што жената сака да ја заштити својата приватност и интимност. Но, бројот на абортуси е далеку повисок – велат експертите.
Според страницата „Абортус не“, реалната бројка на извршени абортуси во 2008 година не е 5.900, туку 30.000 регистрирани и нерегистрирани прекини на бременост. Истата година се родени 22.945 деца. Според истата веб-страница, која повикува на запирање на абортусот, во 2008 година три живота згаснувале за три часа, 82 секој ден, 574 прекинати животи неделно, 2.500 месечно…
Тоа би значело дека тие 540.184 би станале двојно повеќе или таа бројка би надминувала еден милион. Според статистиката на „Џонсонс архив“, во 1987 година биле родени 38.571 деца, а биле абортирани 32.150, односно бројот на абортирани е многу близу до бројот на родени деца. Иста е состојбата и во 1989 година кога биле родени 35.927, а абортирани дури 30.442.
Абортирав, сега ме судат
Стручњаците зборуваат, политичарите дебатираат, обичниот граѓанин доживува… Еве што велат неколку жени што биле во дилема – да се роди или да се абортира.
Имав 24 години. Едно утро станав со страшни болки во пределот на половината. Не можев да се поместам од место. Отидов на лекар и веднаш ми направија рендген-снимка. Имав проблеми, ми препишаа терапија и секој ден примав инјекции. По дваесетина дена откако видов дека ми доцни циклусот, направив тест за бременост. Беше позитивен. Бев збунета, беше збунето и моето момче со кое веќе две години бевме во врска. Двајцата работевме, не беше проблем да се издржува детето. Тој некако беше исплашен… Воопшто не ми падна на памет дека правев рендген-снимање и дека тоа може да биде проблем. Случајно седев со постара жена со која разговарав за проблемите со мојата половина. Вели имала исти проблеми кога била млада. Среќа се сомневала дека е бремена, па не направила снимки. Инаку ќе го загубела плодот. Тогаш ми светна во глава дека рендгенот може го убил плодот што го носам. Веќе имав закажано преглед на гинеколог. Отидов и гинекологот, која што беше жена, ми настапи многу лошо. Во стилот каде ти беше паметот кога имаше сексуални односи. Воопшто не ме ислуша дека мене не ми е проблем на 24 години да родам, дека сум во врска и дека сме подготвени да го задржиме. Не стигнав ниту да ѝ кажам за рендгенот. Споменав дека сум примила терапија и тука ме прекина – ма тоа не е важно. Бев запрепастена и со солзи излегов од ординацијата. Закажав преглед во една од приватните клиники. Таму му објаснив на докторот што се случило.
– Јас не можам да ти гарантирам дека детето ќе биде здраво. Рендгенот може да оштети една клетка, која утре може да предизвика големи компликации во развојот на детето. Не можам ниту да потпишам дека абортус е задолжителен. Изборот е твој – ми рече докторот.
Го повикав и моето момче, кое ме чекаше во холот да го слушне мислењето на докторот. Молчев петнаесетина минути. Не знаев што да правам… Да прекинам живот кој можеби ќе биде нормален. Да родам дете кое утре ќе се измачува во животот поради проблеми во развој… Дилемата не беше лесна. Молчеше и докторот. На крај го погледнав „таткото“ на плодот што го носев. Ме гледаше и како да велеше не знам, одлучи ти. Молчеше. Му кажав на докторот дека ќе абортирам. Неговиот коментар беше – правилна одлука. Тоа го направив веќе следниот ден. За тој ден не сакам ни да зборувам. Ми требаа месеци за да се соземам… Денес имам 31 година. И речиси секој месец помислувам на детето што можев да го родам. Сега ќе одеше на училиште. Какво ќе беше – машко или женско? Ќе ги имаше неговите очи или моите?
И замислете како ми беше мене пред некоја година кога поминував покрај оние плакати на кои имаше фетус и натпис „Не убивај!“ Се чувствував како злосторник. Сега ме судат! Замислете некоја девојка денес да се најде во истата ситуација. Ќе треба да замине на задолжително советување и таму да ѝ кажат колку е добро да го задржи детето, за кое постои голема можност да се роди со психофизички нарушувања. Јас не ќе го издржев тоа!

Ова е само една приказна од реалноста која ни ја раскажа наша соговорничка, која, сепак, сакаше да остане анонимна. Другата приказна доаѓа од жена што денес има околу 55 години.
Имав две деца кога дознав дека сум бремена по третпат. Не беше непланирано. Сакавме да имаме три деца, а сакавме да имаме и син со оглед дека првите две ми беа девојчиња. Но, докторот ми рече дека е ризична бременост. Или јас или бебето нема да го издржиме пораѓањето и дека е подобро да ја прекинам бременоста додека е време. Три дена не спиев. Се превртував во кревет. Не сакав да го уништам животот што го носев во себе. Но, не сакав да им го направам тежок ниту животот на моите две деца. Што би правеле утре без мајка. Имаа по 4-5 години. На крај, поддржана од сопругот, решив дека ќе го родам. Докторот негодуваше, но одлуката беше моја. Решив дека прифаќам целосна одговорност за одлуката и одам до крај. Денес имам три ќерки. Да го послушав докторот, кој ми потпиша дека треба да абортирам, ќе бев посиромашна. Многу посиромашна зашто децата ми се најголемото богатство во животот.
Третата приказна е сосема поинаква. Жената што се одлучила да ја прекине бременоста само за да може да замине со својот сопруг во странство, каде што тој добил стипендија за дошколување, денес сака да има второ дете. Но, не може. Едноставно сите обиди да забремени се залудни. Вели дека ќе се кае до крајот на животот за себичната одлука што ја донела во моментот кога не сакала да го остави сопругот сам да замине во странство.
– Таа одлука ќе ме прогонува до крајот на животот – вели таа.
Триесет и петгодишната соговорничка, пак, денес има две деца, но никогаш нема да си прости што абортирала пред 10 години:
Беше доцна навечер кога ми заѕвони телефонот. Добив лоша вест. Моето момче, со кое бевме речиси пет години, загинало. Сообраќајна несреќа, загинал на самото место. Бев на крај на студиите… мислев дека мојот живот е завршен. По еден месец од погребот сфатив дека месечниот циклус ми доцни. Препишував дека се работи за стрес. Така ми зборуваа и луѓето околу мене. Но, по еден месец, сепак, одлучив да одам на лекар. Дознав дека сум бремена. Го носев детето кое е плод од љубовта со човекот што го загубив. Веќе бев во третиот месец од бременоста. Не знаев што да правам. Требаше да го чувам сама, самохрана мајка. Како што јас растев. Растев само со мајка ми, која беше чистачка. Едвај крпевме крај со крај. Не работев сѐ уште. Цела недела плачев, бев избезумена. Не знаев што да правам. На крај сфатив дека немам можност да го чувам тоа дете и дека немам сили да го оставам во дом откако ќе се роди. Во моментот најдобро решение ми изгледаше абортусот. Денес би сакала да го вратам времето назад. Но, не можам, веќе е доцна.
Невладиниот сектор VS Министерството
Основата на македонскиот Закон за прекин на бременоста потекнува уште од времето на СФРЈ. Тогаш е донесен закон во сите шест републики, а процедурата за абортирање е поделена на процедура до десета и по десета недела. Невладините организации сметаат дека со измените што се прават денес се прави закон што е порестриктивен од тој што е донесен во 70-тите години на 20 век. Тие прашуваат која е потребата да се донесува закон по итна постапка.
Не добивме образложение од министерот за здравство, Никола Тодоров, која е потребата од итна промена на Законот. За него Законот не ограничува ниту едно право на жената, туку со него се уредува областа и се менува постојниот, кој е стар четириесетина години.
– Со предлог-законот абортусот не е забранет, тоа е право за кое слободно и самостојно одлучува жената. Може да се изведе од социоекономски и од лични причини, и тоа и по 10. гестациска недела. Сите овие постулати што ги исполнуваат земјите кои на најлиберален начин го определуваат ова право се предвидени и во предложениот закон. Разликата меѓу стариот и новиот закон е во тоа што се чека три дена откако ќе се изврши советувањето. Македонија има избрано најкраток период за разлика од другите европски земји или земји-членки на ЕУ кај кои е предвидено подолго чекање – од три во Германија, пет во Холандија, шест во Белгија, до 14 дена чекање по советувањето во Данска – вели министерот.

Најголем дел од невладините организации се спротивставуваат на законските измени. Неда Коруновска од „Реактор“ го оспорува задолжителното советување и воведувањето комисија до десетта недела од бременоста.
– Порано немаше комисија до десетта недела, одлучувате, ви нудат советување, ваше е дали ќе го прифатите или не, решавате и се спроведува интервенција. Комисија постои над десетта недела кога е во поодмината фаза и постапката може да е попроблематична. И нема анализа од која може да се види како одлучувала таа комисија. Министерството не излезе со анализа кои се проблемите од досегашната имплементација на Законот и од кои причини се предлагаат новини. Со новиот закон се усложнува постапката. Порано се потпишуваше согласност, но сега се поднесува барање, а никој не знае што ќе содржи. Нас не интересира дали ќе се навлегува во мотивите, односите дали ќе се проблематизираат и првите десет недели или не. Друго спорно прашање е каде ќе се поднесува тоа барање. Тоа формално барање сигурно нема да му се предава на докторот, со тоа веднаш ќе се знае зошто си дојден. Се нарушува приватноста. Замислете што значи тоа за мали места. Потоа лекарот треба да ве упати на задолжително советување. Какво советување, во која насока? Во ред е да се дава поддршка за одлуката, но според тоа како е поставена одредбата, јас сум скептична дека тие советувања ќе одат во таа насока. Мислам дека ќе се оди на тоа да се премисли жената. Предноста од бременоста е лична. Според мене, тоа советување е губење ресурси, што ние како држава ги немаме. Тие ресурси подобро да ги насочиме кон жените што решиле да родат. Тие три дена советување се губење време – вели Коруновска.
Таа го посочи и задолжителното известување на родителот, односно партнерот. Досега Законот велеше дека партнерот се известува доколку жената сака. Но, сега е предвидена казна за лекарот од 3.000 евра ако не го извести партнерот. Таа глоба оди и до 10.000 евра.
– Како докторот ќе има доказ дека го известил? Кој доктор би ризикувал, на пример, доколку партнерот не е тука? Како ќе докаже дека го известил партнерот? Десет недели се премалку. Вие кога ќе дознаете, веќе сте 5-6 недела, додека се решите да отидете на гинеколог… Нема ни да отидете во тие десет недели. И сега додека да се спроведе таа процедура, да помине тоа советување. Која е таа служба што ќе може уште истиот ден да ти закаже советување. И на крај уште и известувањето на партнерот. И викаат на крај, сепак, одлуката е на жената. Па, не е баш одлуката на жената кога вие ќе инволвирате толку многу луѓе – додава таа.
Спорно е известувањето. Денес некои работи во општеството се променети. Има многу жени што, иако формално не се разделени, не живеат со брачниот партнер, имаат друг партнер од кого и останале бремени. Кој сега ќе биде известен? Има и жени што се жртви на семејно насилство, кои биле оплодени од сопругот спротивно на сопствената волја. Што ќе биде кога докторот ќе го повика сопругот да го извести дека неговата сопруга сака да абортира. Многу жени денес не се мажени, а решиле да родат дете. Многумина останале бремени од некој што живее во брачна заедница со друга жена.
Коруновска се согласува дека треба да се прават измени во законот, но тие измени да одат кон полиберален закон.
– Точно е дека ние сме имале либерален закон и досега споредено со некои други земји. Но, претпоставувам дека живееме во демократија за правата да се шират, а не да се ограничуваат. Пораз е да се има порестриктивен закон од тој пред 50 години. Измените треба да одат кон подобрување на она што ѝ се нуди на жената, од аспект на начинот на кој се врши абортусот. Самиот министер кажа дека во Германија најголем процент на извршени абортуси се со вакуум, 15 се со медикаментоза и 11 се со киретажа. Кај нас преку 90 проценти од абортусите се со киретажа, што е најризичен и најзастарен начин на абортус. И во Германија тие 10 проценти се кај оние што не успеал абортусот со вакуум или со медикаменти. Киретажата е најопасна за жената. Министерството треба да се фокусира токму на тоа. Жена што се решила, тешко ќе ја премислите, само психички ја малтретирате – констатира таа.
Коруновска се согласува со мислењата дека со Законот им се дава шанса на оние диви ординации кои вршат абортус без дозвола. Стравува дека многу доктори сега нема ни да сакаат да извршуваат абортус, со што интервенцијата ќе стане недостапна и многу скапа. Тоа би значело абортирање во гаражи за оние што немаат пари, а оние што имаат ќе одат во Србија, Бугарија…
Пишува: Билјана Зафирова
Текстот е објавен во 40-от број на неделникот „Република“ (7 јуни 2013)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Видео од кое заледува крв: Поп го испушта бебето од раце сред крштевка
-
Лора и Филип го чекаат своето прво дете: Сузана Турунџиева не го откри полот на бебето
-
Ако сте родиле машко бебе имате поголема шасна да страдате од постпородилна депресија
-
Нов закон во Франција: Казна три години затвор и 45.000 евра за секој политичар што ќе си вработи член на семејството


