Администрацијата на Света Гора одби да го прими во официјална посета грчкиот премиер Алексис Ципрас, кој во средата требаше таму да се разговара со раководството на Света Гора, да ги посети манастирите и да се сретне со Вселенскиот патријарх Вартоломеј, пишува атинскиот весник „Катимирени“.
На состанокот во понеделникот Светата заедница, која е врховно управно тело на Света Гора, одлучи да не му ги укаже на Ципрас почестите предвидени со протоколот како премиер, порачувајќи му дека на Атос може да дојде само како „приватно лице“, како обичен аџија, пишува весникот.
Причина за таквата одлука е тоа што свештениците на Света Гора сметаат дека не може да примат премиер што „објавил дека е атеист“ и кој носи закони и спроведува политика што „го повредува православието“.
Во август 2014 година Ципрас бил срдечно прифатен на Света Гора, тогаш како лидер на опозицијата и без посебни почести, дури побарал и добил благослов од монасите.
„Катимерини“ наведува дека Владата на Ципрас „отвори фронтови со црквата“, на која од самиот почеток на неговиот мандат не и се допадна бидејќи и премиерот и пратениците на неговата коалиција СИРИЗА одбија да се заколнат на Евангелието и „пред бога“ – што е вообичаена форма во Грција.
Од друга страна, пратениците на Ципрас ја ослободија Света Гора од данок на недвижнини надвор од Атос, но тоа не го одоброволи свештенството.
Знаејќи ја одлуката на администрацијата на Света Гора, Владата само неколку часа претходно неофицијално ги извести медиумите дека посетата на Ципрас е „одложена поради обемот на работа“, наведува грчкиот конзервативен весник.
Во Дохијариос, еден од манастирите на Атос, по повод посетата на грчкиот премиер биле закачени црни знамиња и транспаренти „против антихристот“.
Црковни извори коментираат дека тоа се „невидени работи за Света Гора“, „без преседан“ во нејзината историја, и дека забраната за Ципрас да влезе во дел на грчката територија, на Света Гора, не само што е несфатлива и правно неодржлива, туку претставува и „света непристојност“, без разлика на политичките ставови.
– Помирните и повнимателни набљудувачи на светогорските прилики сметаат дека ставот на „Светата заедница“ е последица на атмосферата на конзервативизмот, понекогаш со карактеристики на православен фундаментализам, кој драстично го освојува теренот на Света Гора“, заклучува „Катимерини“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.