| четврток, 6 декември 2018 |

Меркел доби уште еден четиригодишен мандат?

По затворањето на гласачките места во Германија во 18 часот, пристигнаа резултатите од излезните анкети, според кои, конзервативците на Ангела Меркел освоија најмногу гласови, разочараа социјалдемократите на Мартин Шулц, а најголема причина за славење имаат екстремните десничари од „Алтернатива за Германија “(АфД).

Според прелиминарните резултати, своето гласачко право го искористиле 75 отсто од граѓаните, од кои 32,5 отсто својот глас го дале за Христијанско демократска унија (ЦДУ) и нејзината баварска сестринска партија, Христијанско социјалната унија (ЦСУ) на Ангела Меркел. Социјалдемократската партија на Мартин Шулц освои само 20 проценти од гласовите, додека најголем победник излезе екстремно десничарската партија АфД со 13,5 отсто од гласовите, со што стана трета политичка сила во Германија.

Сепак, ова не се официјални податоци, туку прелиминарни проекции, кои речиси секогаш се покажуваат како точни.

Четврто место освои Партијата на слободните демократи со 10 процемнти, со кои Меркел веројатно ќе коалицира, а по девет проценти од довербата на гласачите освоија Зелените и Левица.

Раководството на социјалдемократите резултатите ги окарактеризира како тежок пораз и најави дека преминува во опозиција и оти нема да коалицираат со Меркел.

Германските медиуми коментираат дека резултатите на социјалдемократите се катастрофа, но и дека во таборот на Меркел не се задоволни, поради тоа што пред изборите тие очекуваа околу 39 отсто од гласовите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top