| четврток, 6 декември 2018 |

Премиера во Драмски: „Папагалот Историко“ во режија на Љубиша Георгиевски

В сабота, 23 септември Драмски театар-Скопје премиерно ќе ја изведе претставата „Папагалот Историко“ во режија на Љубиша Георгиевски според неговиот роман „Монументи на глупоста“. Автор на драматизацијата е Сашко Насев.

Претставата рефлектира вечна тема – поединецот и општеството и е најавена како политички ангажиран и емотивен театар, преполн со иронии и идеи за тоа како било, како е и како подобро може да стане.

Сашко Насев на прес-конференцијата рече дека речиси три години ја работат драматизацијата на романот. Претставата ја најави како жесток, суров театар, базиран на основното естетичко изразно средство во театарот – актерот, затоа што, како што рече, театар ако нема актери, нема ни претстава.

– Овие млади актери се сигурна иднина на ДТС и на македонскиот театар воопшто. Ако не можеме да извезуваме суперсонични авиони во светот, имаме да извезуваме суперсонични артисти во светот. Ме радува што професорот Георгиевски со габаритот на своите 170 претстави се навраќа на најубавите негови моменти, како на пример што беше премиерата на „Хај-Фај“ кога бев средношколец и кога успеа да направи комплот на разни естетики и поетики – изјави Насев.

Режисерот Љубиша Георгиевски не зборуваше за претставата.

– Една претстава или говори самата за себе или не говори самата за себе, така што ќе се воздржам од описи и прераскажувања. Има изразита незаинтересираност кај медиумите за театарот, но театарот преживеал поголеми незаинтересираности, преживеал поголеми катаклизми и поголеми забрани, рече Георгиевски и парафразирајќи дијалог од Шекспировиот „Хамлет“ додаде: „постапката кон актерите во едно општество е одраз на достоинството на тоа општество“. – Ако игра мечка во Скопје, сите ќе дотрчаат, нарочито ако се организира фестивал „мечкијада“ – рече Георгиевски, кој ја коментираше незастапеноста на театарот и воопшто културата во медиумите.

Главната улога во претставата ја игра Владо Јовановски. Во актерската екипа се и: Благица Димитровска, Калина Наумовска (во насловниот лик: Папагалот Историко), Дамјан Цветановски, Ѓорѓи Тодоровски и студентите од ФДУ во класата на проф. Мими Таневска: Томислав Давидовски, Исмет Шабановски и Кристијан Танчевски. Сценограф и костимограф на претставата е Мери Јовановска.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top