| четврток, 6 декември 2018 |

Вардар про со руски капитал ќе ја освојува Европа

Рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко ќе биде главен спонзор и на машкиот ракометен тим Вардар про, а идејата е да се направи силен состав што ќе направи позначаен исчекор во Лигата на шампионите. Самсоненко е актуелен финансиер и на женскиот ракометен тим на Вардар и таму направи бум созадавајќи вистински тим од соништата.

– Вардар го доби најголемото засилување за новата сезона во името на господинот Сергеј Самсоненко, кој ќе биде спонзор на Вардар про и негов спортски директор. Ова се прави со цел Вардар уште повеќе да се засили како клуб и како марка. Амбициите се што подолго да останеме во Лигата на шампионите, а, секако, и да се одбрани домашната титула -изјави на денешната средба со новинарите, Михајло Михајловски, кој останува почесен претседател на клубот.

Самсоненко на преставувањето во својот нов клуб истакна дека ќе се обиде да го постави Вардар про на истите шампионски патеки како што е случајот тоа со ракометарките на Вардар СЦБТ.
– Сакам Вардар да го направиме вистински европски гигант. Мојата задача останува да се создаде буџет, кој ќе го направи машкиот ракометен клуб поквалитетен. Мора да искажам благодарност до Михајловски за раководењето на клубот, за сите досегашни успеси, благодарност и до Веселин Вујовиќ за освоената круна. Останува наредниов период да се фокусираме на комплетните организациски постановки и да го донесеме црвено-црниот бренд на вистинско место – рече Самсоненко.
Вардар како шампион на Македонија ќе нè претставува следната сезона во ЛШ, а благодарение на успесите на големиот конкурент Металург, ќе игра директно во фазата по групи. Металург се надева на вајлд-карта, со што тимот од Автокоманда би играл турнир преку кој би се обидел да се пласира во најсилното клупско европско натпреварување.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top