„Српска Босна, српска Херцеговина, српска Македонија, српска Хрватска би биле дел од Голема Србија“. Поранешниот лидер на Српската радикална партија, Воислав Шешељ, на судењето на Радован Караџиќ потврди дека тоа било неговата воена цел.
– Тоа беше и сѐ уште е моја генерална цел, но не и генерална цел на Србија и на српското раководство. Тоа е целта на Српската радикална партија, но не и на друга партија – рече Шешељ денеска на судењето на поранешниот лидер на босанските Срби во Хашкиот трибунал.
Шешељ додаде дека во неговата Србија не би имало национални малцинства, туку национално единство и слога меѓу православните Србија, католиците Срби, муслиманите Срби и атеистите Срби“.
На Шешељ му се суди во Хашкиот трибунал за злосторства сторени во Хрватска, Војводина и во БиХ од 1991 до 1993 година.
Тој изјави дека огромно мнозинство на Хрватите го следеле режимот на покојниот претседател Фрањо Туѓман и усташката идеологија, додека Бошњаците ги нарече „Срби кои преминале на ислам“.
– Јас и денес мислам дека Дрина е река која минува во срцето на Србија. Границата на неа е вештачка и не може да опстане. Никој не може трајно да го подели српскиот народ – рече Шешељ.
Според зборовите на Шешељ, покојниот претседател на Србија, Слободан Милошевиќ, за време на војната во Хрватска и во БиХ им пружал клучна помош на тамошните Срби.
– Без помош на Србија, ниту Република Српска ниту Република Српска Краина не би можеле да опстанат – рече Шешељ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.