Лидерот на Српската радикална партија, Воислав Шешељ, изјави дека нема намера да се врати во Хаг, каде за 4 дена, на 13 декември го очекува жалбена расправа околу ослободителната пресуда за воени злосторства. Шешељ кажа дека пресудата и Трибуналот повеќе не го интересираат, па ни по цена на животот и дека во Хаг може да го однесат „само во ланци“.
На прашањето дали би се решил на самоубиство, како што тоа го направи Слободан Праљак, за чија постапка претходно кажа дека „заслужува почит“, Шешељ вели дека тоа би го направил посуптилно, а „не на препад“.
– Јас тоа не би го направил на препад, туку полека и нате-нане, да ги мачам. Би почнал штрајк со глад, и тоа јавно, пред камери, додека не ги исполнат моите услови. Ако не ги исполнат, тие знаат дека сум спремен да одам до крај. Го знаат тие тоа и затоа се плашат од мене, кажа Шешељ, кој за време на судењето во Хаг веќе штрајкуваше со глад 28 дена откако, поради непочитување на судот, му беа забранети посетите од семејството.
Судот соопшти дека, во случај Шешељ да не се одѕве на расправата, неговите интереси ќе ги застапува адвокат по службена должност.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.