Вкупно 22 пливачи од повеќе земји, 15 во машка и седум во женска конкуренција ќе настапат на 31. издание на Охридскиот пливачки маратон кој ќе се одржи в сабота, на 19 август. Стартот на Охридскиот маратон и годинава ќе биде од манастирот „Свети Наум“, а финишот на градското пристаниште во Охрид.
Евгениј Поп Ацев и Александар Илиевски ќе ја претставаат Македонија на една од најстарите спортски манифестиации кои се одржуваат во нашата земја.
Поради долгата традиција, тој од 1998 година е дел од Гранпри-серијата маратони на Меѓународната пливачка федерација (ФИНА), која заедно со Пливачката федерација на Македонија (ПФМ) го организира овој голем спортски настан. Од годинава коорганизатор на маратонот е и општината Охрид. Главен покровител на маратонот е претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов.
Женските трки во овој маратон се одржуваат од поодамна. Атина Бојаџи во 1962 година стана првата жена што победила на маратонската трка. Лани триумфира Олга Кузудуб од Русија.
– Со години на трката се собираат врвни пливачи кои покрај традицијата го прифаќаат Охридскиот маратон како еден прекрасен настан кој има сериозно влијание врз нивната кариера. Пливачи од сите страни на светот веќе пристигнуваат во Охрид. Маратонот и оваа година е дел од Гран При серијата на Меѓународната пливачка федерација (ФИНА). Во водите на Охридското езеро повторно ќе влезат голем број на врвни пливачи. 10 до 11 од нив имаат сериозни шанси за престижниот трофеј. Покрај машката и женската трка ќе биде со висок интензитет каде што седум девојки ќе приредат сериозно натпреварување за првите три позиции. Верувам дека во духот на традицијата ќе победат најдобриот и најдобрата – вели истакнатиот македонски маратонец Томи Стефановски.
Поп Ацев, кој победи во 2015 и кој ќе се натпреварува и оваа година на Охридскиот пливачки маратон.
– За овогодинешната трка на Охридскиот маратон очекувам добар резултат и дефинитивно ќе одам на победа. Има многу добри пливачи и резултатите за целокупната награда се многу тесни – вели Поп Ацев, кој во 2015 година беше првиот Македонец кој победил на маратонот во Охрид. Минатата година тој загуби од Стефановски кој победи и во вкупниот плалсман на СК серија и го најави свое пензионирање од пливањето.
Поранешната пливачка и маратонка Теодора Раптис, која неколкупати успешно учестуваше на Охридскиот маратон смета дека трката е одлично организирана.
– Охридскиот пливачки маратон е еден од најубавите на кои сум учествувала. Езерото е прекрасно и трката е навистина убава и секогаш исполнува. Многу често голем дел од маратоните мора да се снаоѓаат со голем број на организациски предизвици. Ова се случува и во Охрид, но организацијата секогаш ја завршува работата како што треба и затоа секоја година познати пливачи од цел свет се пријавуваат на Охридскиот пливачки маратон – вели Раптис, една од најтрофејните македонски пливачки која го освои Охридскиот пливачки маратон во 1992 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Евгениј Поп Ацев и Бертола го делат првото место во маратонско пливање
-
Од годинава маратонска трка во чест на Димитрија Поповски – Шкипер
-
Охридскиот маратон и понатаму во календарот на ФИНА, ќе се плива на 19 август
-
Поп Ацев победи на маратонот во Капри, Стефановски триумфираше во „Гран при“ серијата на ФИНА