| четврток, 6 декември 2018 |

Дејан Јовановски: Верувам дека граѓаните масовно ќе излезат на избори и ќе искажат доверба на ВМРО-ДПМНЕ

Дејан Јовановски е дипломиран правник на Универзитетот “Свети Кирил и Методиј” во Скопје. На македонската јавност и е познат како еден од најпознатите спортисти, поранешен член на македонската кошаркарска репрезентација, а покрај годините минати во КК Работнички, има повеќегодишно меѓународно искуство во европски клубови во Франција, Турција, Грција и Швајцарија. По завршувањето на професионалната кошаркарска кариера ја вршеше функцијата директор на КК Работнички, по што ù се приклучи на Агенцијата за млади и спорт, како Советник за евроинтеграции и меѓународна соработка во спортот. Со одлука на Владата, во 2015 година, беше именуван за директор на Спортската академија, при што истата успешно ја трансформираше во врвна воспитно – образовна и спортска институција.

Вие сте еминентен спортист, а сега влегувате во политиката, па кое е вашето гледиште по изборот за член во новиот Извршен комитет на ВМРО-ДПМНЕ?

ЈОВАНОВСКИ: Мојот избор за член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ го гледам како обострано препознавање на потенцијалот, идеалите и заедничките цели. За мене овој избор искрено претставува особена чест и доверба укажана од страна на членството, Централниот Комитет на партијата и претседателот Никола Груевски. Укажаната доверба, и ова ги во кажувам и како човек и како спортист, секогаш ми делувала како мотив плус за целосен личен ангажман во реализирање на стратешките одредници на партијата – економски просперитет и интеграција на нашата држава во ЕУ и во НАТО.

Новоизбраниот ИК е тим кој во себе има искуство, енергија и компетентност,почитувајќи го реформаторскиот и демократскиот дух на партијата. ВМРО-ДПМНЕ со годините е се посплотена и позрела, подготвена за претстојните предизвици, како и за претстојните локални избори. Направените промени и реформи, како и изборот на новиот ИК, со поддршката на целото членство, ќе резултираат со уште една голема победа на следните локални избори.

На што посебно Вие ќе се фокусирате?

ЈОВАНОВСКИ: Воден од своите морални и човечки квалитети, сериозно посветен на она што го работам, со  дисциплинираност и ориентираност кон успех, убеден сум дека ќе придонесам, заедно со поединечниот придонес на секој еден член на ВМРО-ДПМНЕ, во остварувањето на сегашните и понатамошните цели и програми – во функција на доброто на граѓаните, без оглед на етничка, верска, политичка или друга припадност или определба. Сите сме од ист тим, тимот кој работи за подобра Македонија.

Спремен сум и мотивиран сум за секаков ангажман и имам цели кои сакам да ги остварам. Како човек кој можеби е најпрепознатлив по репрезентативната кариера бранејќи ги боите на Македонија, се разбира дека дел од мојот ангажман ќе е и во спортската област. Внимавајте, ова се факти кои се на очиглед на сите – во изминатиот период како партија бевме многу насочени кон инвестиции во спортската инфраструктура, изградивме многу спортски објекти, спортски сали, фудбалски игралишта, тениски терени и други спортски објекти. Погледнете го само грандиозниот стадион „Филип Втори Македонски“ кој денес е фудбалска претстолнина на светот и е стадион кој беше изграден од владата на Груевски. Резултати имаме, а сакаме уште поголеми. И за тоа имаме и стратегија и кадар, има уште што многу да се работи и подобрува, да се вклучат спортските работници во креирањето политики и менаџирање, односно да се подобри нивниот статус.

Но, покрај тоа што сум екс-репрезентативец во кошарката која е мојата љубов од младинските денови, со мене секогаш паралелно сум ја носел и пасијата кон активно учествување во општествените збиднувања, кон правниот систем и неговото почитување и спроведување. Секогаш ме водела желбата не само за почитување и следење на законските одредби, туку и за подобрување на правните норми односно борбата против некои правни акти кои се штетни за граѓаните – какви што во последниов период на јавна сцена се промовираат од нашите политички опоненти. Токму затоа и одбрав да студирам право и се стекнав со звањето дипломиран правник, бидејќи како човек со широки интереси и желба за активност и пред се човек кој е жестоко заинтересиран и посветен на идејата на градење на подобра Македонија, можам да дадам и ќе дадам голем придонес на ова поле.

Имам многу пријатели кои сум ги стекнал низ годините, од најширок спектар, како човек без предрасуди и со желба за дијалог со секого, без омраза и со почит кон туѓото мислење. И со тие пријатели комуницирам постојано. Дискутираме за сите добри и лоши политики, ги слушам нивните критики, но и пофалби. Учам од нив, се надевам и верувам дека барем по нешто учат и тие од мене. Но поважно е што сега и тие луѓе имаат свој добар пријател кој уште поактивно ќе ги застапува нивните интереси на полето на политиката. Една од моите главни цели е гласот на народот што повеќе да резонира во дебатите кои ги водиме и во кои се носат политиките со крајна цел да бидат од максимална корист за тој народ.

Кои се целите на новиот Извршен Комитет?

ЈОВАНОВСКИ: Па видете, во наредниот период продолжуваме со програма и курс кој досега ВМРО-ДПМНЕ позитивно го реализираше низ изминатите години на чело на државата, во насока на подобрување на животот на сите граѓани на Република Македонија, со приоритет на континуирано подигнување на животниот стандард, владеење на правна држава и остварување на евроатлантските интеграции.

Граѓаните секојдневно се сведоци на реализираните ветувања од изминатите локални и парламентарни избори  –  инвестиции во локални капитални објекти, привлекување и овозможување на странски инвестиции, нови училишта, градинки, спортски сали, патишта, водоводна и канализациска мрежа, подобрување на условите и опремата во здравството, отворање на работни места и намалување на невработеноста, вклучувајќи работи кои се од државен и локален интерес, земајќи ги предвид потребите на граѓаните од сите општини.

Она што е потребно се вистински луѓе на вистински места, кои имаат слух за потребите, критиките и пофалбите кои народот има да ги каже. И ние таков потенцијал и капацитет имаме, докажано. Како и до сега, потребен е максимален ангажман, волја и капацитет на секој од нас да излезе на терен и утврди што е она што треба да се измени, дополни или продолжи, како основа врз која ќе се раѓаат нови цели и идеи.

Првиот предизвик не очекува за многу кратко време. Верувам дека граѓаните масовно ќе излезат на избори и ќе искажат доверба на ВМРО-ДПМНЕ предводена од Никола Груевски, при што оваа победа ќе биде еден голем предвесник и почеток на крајот на кардиналните и историски грешки од краткото владеење на СДС, кои можат да продуцираат непоправливи консеквенци. Наша обврска, на секој член, е аргументирано да им укажеме на граѓаните за се она што се случува последните месеци, од непринципиелни коалиции, преку штетни платформи, до негирачки и неприфатливи државни договори, и најпријателски и партнерски да им укажеме дека од нив зависи се’ – поддршката која се бара е за доброто и воопшто за иднината на Република Македонија. И граѓаните ќе ја дадат подршката за ВМРО-ДПМНЕ бидејќи нашиот народ е мудар и ја сака својата татковина. Цврсто верувам во тоа.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top