| четврток, 6 декември 2018 |

Шундовски си замина

Селекторот на ракометната репрезентација Звонко Шундовски поднесе оставка, како наведува, исклучиво во интерес на репрезентацијата.

Во оставката на Шундовски пишува „Селекторската функција ја прифатив во периодот откако им беше понудена на стратези со поголемо портфолио од моето. Јас верував во оваа генерација. Со селекцијата која  ја направив исклучиво со македонски играчи и македонски стручен штаб, со најмакедонската селекција во сите спортови и на сите времиња, изборив пласман на Европско првенство 2012, освоив 5. место на ЕУРО 2012, изборив квалификации за Олимпијада, изборив учество на Светско првенство, обезбедив континуитет на големи натпреварувања. Создадов стабилна основа за нови успеси, кои оваа генерација играчи ги заслужуваат. Поискусна за две големи натпреварувања во континуитет, во овие моменти, репрезентацијата го достигнува својот максимум и е зрела за играње во завршниците на големите европски и светски натпреварувања и освојување на медали, што го препуштам на мојот наследник.

Селекторската функција ја извршував за симболичен надомест, со голема  љубов за мојата земја, а ме водеше желбата за нејзина промоција во Европа и светот. Кога се работи за својата земја, не постојат бариери и кочници и ние како репрезентација комплетно вложувајќи се многупати се надминувавме себеси.

Им се заблагодарувам на претседателот на РФМ, на РФМ, на репрезентативците и на стручниот штаб за соработката. Горд сум на успесите кои заедно ги направивме, а Македонија ја направивме релевантен фактор во европскиот и светскиот ракомет. На македонската репрезентација во иднина и посакувам многу повеќе успеси и спортски радости, се вели во соопштението на Звонко Шундовски.

На анкетното прашање на republika.mk „Дали Звонко Шундовски треба да биде сменет од селекторското место во нашата машка ракометна репрезентација?“, од вкупно 1 142 гласа 76 проценти или 867 сметале дека треба да биде сменет, додека 19 проценти или 219 гласале „не“. Само 5 проценти или 56 гласачи немале мислење.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top