Од тоа што може да се види во првите два месеца од новата влада највпечатлив е пристапот кон јавните прашања во кои нема новододадена вредност, нови принципи на работа, реално поместувања во дипломатијата или нов начин на избор на државни службеници. Од тоа што го видовме досега, главни принципи на работа се повлекување дефанзивни чекори, односно владата само укинува, менува, крати или, како што е случајот во дипломатијата, дава позитивни „ишарети“ од кои нема никаква корист. Практично, речиси нема нови свежи мерки што не ги спроведуваше ВМРО – ДПМНЕ или некоја друга претходна влада.
Менувањето директори во театрите затоа што биле „блиски на Груевски“ и поставување заслужни членови на опозицијата е здобиено право во македонскиот политички систем, кое постои од 1991 година. Тоа го правеше и ВМРО-ДПМНЕ и сите други пред неа, но проблемот за новата влада е што тврдеше дека нема да ги прави работите за кои претходно критикуваше. Уште поголем проблем е што од прашањето дали „се симнал Мурто за да се качи Курто“ не зависат главните македонски проблеми, нискиот стандард и мала куповна моќ на граѓаните.
Објективно, не може да се очекува дека за првите сто дена или за првите 100 недели која било влада ќе може да обезбеди 30 илјади просечна плата, освен ако сега СДСМ не почне да тврди дека мислеле на бруто просечна плата, за која им требаат само по 100 евра од вработен. Но тоа не ги оправдува што дебатата на оваа тема исчезна длабоко зад сметките за кременадлите од бизони и од коњи, на кои експертите за безбедност во МВР потрошиле денови и денови со цел да ја дефокусираат јавноста од вистинските теми. А тие, барем според најавите од предизборието и од опозициските денови, беа поврзани со подобар живот, поголема плата, поевтини услуги, укинување давачки, намалување на улогата на извршителите и слично.
Воведувањето евтина струја и во сабота и по 22 часот не може да ги покрие сите неспроведени ветувања во економијата за кои, реално, сѐ уште е рано, но барем да чуевме како ќе се дојде до нив. Укинувањето на екстерното тестирање и на програмата според „Кембриџ“ не може да го покрие фактот дека владата не понуди нови начини на проверка на учениците, кои, според сите соодветни анкети, ни се речиси неписмени. Право на владата е да ги менува некои од принципите на работа на старата влада, било од идеолошки, било од практични причини, но менувајќи ги мора да даде соодветно образложение и замена за нив. Вакви примери има безброј.
Со принципот „ова го укинуваме, па допрва ќе водиме дебата како понатаму“ се дава сигнал дека владата не е подготвена за решенија, туку само за деконструкција на „вмровштината“ во сите сфери на животот како врвна цел.
Да предложеше нов систем на образование во кој место учење напамет наставниците ќе почнеа со подготовка на практично решавање на проблеми, принцип на работа применет во многу странски земји, ќе немавме аргументи за забелешки, барем во овој ресор.
Министерство за транспарентност за тајни договори од јавен интерес
Слично е и во комуникациите, односно во односите со медиумите. Формирањето на Министерство за комуникации, кое засега е неформална група од 40 нововработени во владата, покажува дека новата влада, иако сака да прикаже дека прави нешто ново и свежо, всушност сака да „ги прошири и надгради“ сите принципи на работа на ВМРО – ДПМНЕ што жестоко ги критикуваше.
Централизација на вестите, кои ќе се канализираат од еден владин центар, е една од грешките за кои многу брзо ќе почнат да страдаат. Ниедна влада досега не успеала да стави целосно рака на медиумите, дури и во најлошите денови на македонската демократија. Како што набрзо ќе сфатат дека менувањето на правецот на известување кај најголемите македонски медиуми не може да им донесе профит. Оваа битка за новата влада е загубена и тоа мора да им е јасно, пред сè, затоа што и ексопозицијата на власт дојде, пред сѐ, со помош на социјалните мрежи, а не со помош на класичните медиуми. Освен ако по урнекот на британската премиерка Тереза Меј нема план да стави рака и на интернетот и на социјалните мрежи , што е невозможна мисија, чудно е зошто воопшто се планира министерство за комуникации или за пропаганда, сеедно. Самиот факт што од владата прилично лесно излегоа информации за ова тело е показател дека наскоро, кога ќе увиди дека една работа е да критикуваш на „Фејбук“ и на „Твитер“, а сосема друга да браниш владини политики на приватен профил, владата ќе се соочи тежок пораз.
Друг пример за непочитување на сопствените принципи е воведување министерско место за транспарентност и за отчет и, во исто време, криење на договорот за добрососедство со Бугарија. Овие две работи не одат едно со друго.
Искрено, жал да го фати човек за министерот за транспарентност и за отчет, владиниот портпарол и другите 40 души во владиниот „тим за комуникации и за пропаганда“, кои сега си имаат голема мака што мора да кажуваат дека „некои работи не заслужуваат“ да бидат транспарентни.
Не им е лесно ни на другите луѓе во владата, кои со години ги критикуваа претходните власти за тајни преговори за името, а сега мораат во тајност да преговараат со Бугарија за работа што во сите нормални земји (каква што, според СДСМ, е Македонија од пред два месеца) се решаваат јавно и транспарентно. Тоа што премиерот Заев јавно ѝ оддаде почит на ВМРО-ДПМНЕ за постигнатото во преговорите со Софија не може да го подобри горкиот впечаток дека власта се плаши пред своите граѓани да открие договор што, наводно, е добар за нив. Со ова премиерот најдиректно им порача на граѓаните дека тие не се доволно способни да проценат што е добро, а што лошо за нив.
Дебата ќе мора да има, без разлика што планира владата
Вработувањето деца на министри во владата, најмување советници во владата без да се наведе прецизно зошто се најмени и што точно ќе работат, ангажирање на УЈП за наплата на радиодифузната такса, која веќе се укинува, задолжувања на владата без соодветни информации за јавноста се само дел од темите за кои што допрва ќе се отвара дебата без разлика што за тоа ќе каже министерството за комуникации и транспарентност.
Но тоа не се и најголемите проблеми на оваа влада. Дури и ако одговорните за транспарентност наредат медиумите да не пишуваат за лошите теми како за критиките од Брисел во врска со „партизација на администрацијата“, пораките на Коѕијас за неподготвеноста на владата, непоканувањето на Заев на средбата во Солун, тие не можат да ја спасат владата од центрифугата во која ќе западнат.
Особено откако ЕУ ќе почне со систематски забелешки за неспроведените работи и откако ВМРО-ДПМНЕ ќе заврши со фазата на збунетост во која нејзините пораки не можат да допрат до голем број граѓани.
Заев и неговите министри се во голема заблуда ако мислат дека граѓаните за голем дипломатски успех ја сметаат посетата на Босна и Херцеговина, земја со која имаме пријателски односи отсекогаш, но со која немаме ниту заеднички инфраструктурни ниту какви било сериозни проекти.
Сегашната опозиција не победуваше 10 пати по ред на избори затоа што Груевски беше во посета и се сликаше во Загреб, Белград или во Подгорица туку затоа што голем дел од граѓаните видоа некаков ќар од тоа. Без разлика дали тој сега како лидер на опозицијата е во постојана пресија и, практично, поради низата обвиненија од СЈО почесто ќе го гледаме пред суд отколку во Собранието, за неговиот наследник работите воопшто не се лесни.
Времето на убави зборови, конструктивноста со Софија и со Атина, сметките од кафеаните во кои се јадело на државен трошок, американската и европска помош, и судските процеси ќе завршат, но граѓаните сѐ уште ќе очекуваат подобар живот. А времето истекува немилосрдно, пред сѐ, за тие што се на власт.
(Текст објавен во 256. број на неделникот Република, 28.7.2017)
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.