Доживотни казни затвор за обвинетите во случајот „Диво насеље“ побара денеска Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција кое ги даде своите завршни зборови на судењето за кумановските настани.
Обвинителот Наум Пановски истакна дека бара највисоки кази за обвинетите за настаните во кумановско, објаснувајќи кој од групата осомничена за тероризам каква задача имал во Куманово. Пановски во завршните зборови посочи дека пратеникот Артан Груби комуницирал со терористите од Диво Насеље, и преговарал тие да се предадат. Според доказите од ПИ-мерките, односно од прислушуваните телефони на терористите, се открива дека Груби и еден од обвинетите терористи неколку пати се слушнале по телефон на 9 мај 2015 година. Освен со Груби, за мирно предавање со терористите, преговарале и претставници на ОБСЕ, соопшти обвинителот.
Според доказите обезбдени со ПИ-мерките, обвинетиот Мухамед Красниќи – Командант Малишева кажал дека групата ќе се предаде, но само ако дојде ОБСЕ.
Обвинителот во завршниот збор наведе дека неколку дена пред трерористичките напади во Диво Насеље, обвинетите групирани во две групи илегално ја поминале границата на Република Македонија и со комбе биле префрлени во Куманово, а оружјето го криеле во шума и потоа го транспортирале по куќите на дел од обвинетите. Со ова обвинетите, според обвинителството, ги сториле кривичните дела тероризам и теористичка организација.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.