| четврток, 6 декември 2018 |

Тевдовски објави паушални и неточни податоци за неплатените обврски на државните институции

Министерот за финансии Драган Тевдовски на денешната прес-конференција за неплатените обврски на државните институции изнесе паушални и неточни бројки, за што зборува и фактот што, како што наведуваат во реакција од ВМРО-ДПМНЕ, не знае да каже кога и како овие наводни долгови биле направени.

„СДС е сега власт и ја има одговорноста да се грижи за државата и економијата, а не преку празни и бледи прес-конференции да ја манипулира јавноста и да наоѓа секакви оправдувања за да избегне од реализација на ветувањата дадени на граѓаните. Тевдовски со вакви прес-конференции ниту ќе ги покрие штетите од недомаќинскиот ребаланс, ниту ќе ги убеди стопанствениците дека државата е задолжена и оти само што не ни се случило грчко сценарио“, се вели во соопштението.

Според ВМРО-ДПМНЕ, министерот Тевдовски зборувал за презадолженост на државата кон стопанството, но стопанствениците вчера го кажале токму спротивното. Кога Тевдовски зборува за задолженост веројатно мисли на 70-тината милиони евра или речиси 4,5 милијарди денари кои тој преку аукции на државни хартии од вредност ги направи во последните четириесетина дена, се потенцира во реакцијата.

ВМРО-ДПМНЕ, се додава, а и јавноста со право се загрижени за конфузноста и неодговорноста која изминатите денови доаѓа од едно сериозно министерство како Министерството за финансии. Ваквите загрижувачки пропусти почнаа со новите долгови, преку кратењата на средствата со буџетот за суштински проекти во интерес на граѓаните, па се до исплатата на штетите и субвенциите на земјоделството, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top