| четврток, 6 декември 2018 |

Денови на европски филм во Неготино

Од денеска до четврток со почеток во 20 часот во Центарот за култура во Неготино ќе биде прикажан францускиот документарен филм „Приемен испит“ (2016) во режија на Клер Симон. Филмот го прикажува секојдневниот живот во престижното француско уметничко училиште „Ла Фемис“, каде се практикува еден специјален идеал на совршеност и еднаквост кој вели: „Сите се еднакви, но само најдобрите можат да бидат примени во ова училиште…“. Од приемниот испит кој потоа преминува во напорна работа низ годината и завршните испити, филмот дава еден јасен поглед на патот кон успехот и врвните достигнувања во светот на уметноста во едно од најпрестижните уметнички училишта во Франција.

Идната недела, од вторник до четврток, пак, во терминот од 20 часот, ќе игра швајцарската драма „Темна судбина“ (2016) во режија на Штефан Хаупт. Филмот ја прикажува судбината на 8-годишниот Ив, кој е единствениот член на семејството што ја преживеал сообраќајната несреќа. Врз база на романот „Темна судбина“ на Лукас Хартман, филмот ни кажува нежна, многу необична приказна за припаѓањето и љубовта, истражувајќи го прашањето за вината и невиноста и илустрирајќи ја бестрашната храброст да се соочиме со сопствената судбина.
Продуцентската и дистрибутерска куќа „КТ Филм и Медиа“ од Битола во соработка со НУ Центар за култура „Ацо Ѓорчев“ од Неготино оваа и идната недела организира прикажување на филмови од поновата европска кинематографија. Станува збор за филмови од француска и швајцарска продукција.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top