Дваесет и шестата годишна конференција на УМС на ВМРО-ДПМНЕ ја одржавте под мотото „Движиме“. Зошто токму ова мото?
Нелоски: УМС на ВМРО-ДПМНЕ е движечката сила на партијата, моторот кој секогаш ја движи, затоа и слоганот е „Движиме“. Знаете, преку УМС во текот на годините поминаа многу млади луѓе кои подоцна добија значајни функции во партијата и во државата. Од УМС произлегоа министри, директори, пратеници, членови на ИК на партијата, луѓе докажани во своите професии, за сите нив едно е заедничко, секогаш во нивните срца останува УМС, како едно големо семејство од кое секогаш сте дел. Оттаму е и познатата максимата што нашите членови ја спомнуваат уште долго откако ќе излезат од младинската организација „Еднаш УМС, засекогаш УМС“. Сите ние заедно сме движечката сила на партијата и на државата, секој во своите области, тоа ќе продолжи и во иднина. УМС никогаш нема да престане да движи напред.
Со доаѓањето на новата власт се укинаа екстерното тестирање, програмата „Кембриџ“ за средните училишта е стопирана, но и дисперзираните студии. Кои се загубите и негативните последици со кои се соочија младите?
Нелоски: Знаете, тие сакаат да бидат реформска влада која ќе биде популарна. Не, тие не реализираат реформски проекти, тие реализираат популистички проекти и со тоа не им помагаат на младите. Не постои ниту една реформска влада која е многу популарна кај луѓето. Тие токму тоа не го разбираат. Дека не реализираат проекти, туку укинуваат низ призмата на популизмот и популистичката политика.
Но, сепак, владата на ВМРО-ДПМНЕ изврши голем број реформи во образованието кои навистина беа ПРОЕКТИ и РЕФОРМИ, а беа популарни кај младите бидејќи им го подобрува животот на студентите и учениците. Спроведовме голем број проекти и имплементиравме многу нови мерки. Сетете се само дека до доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт партиципацијата за студирање изнесуваше енормни 800 евра, тоа беше време кога малку можеа да си дозволат да студираат, кога место на факултетите имаше само за „одбраните“. Во образованието инвестиравме многу повеќе од која било влада досега. За пример земете го буџетот за образование, кој пред 2006 година беше 13 милијарди денари, ВМРО константно го зголемуваше и дојдовме до 25 милијарди денари, сума која сега СДС ја крати за цели 1,5 милијарди денари. Тоа беа пари од кои се реновираа 400 училишта и се изградија 70 нови. Ние ставивме фокус на образованието и едукацијата на младите. Програмата „Кембриџ“, што ја споменувате, придонесе за големо зголемување на квалитетот и резултатот на учениците, особено на полето на природните науки, особено во математиката. Екстерното тестирање имаше цел да ја зголеми објективноста во оценувањето, што реално и се постигна. Тоа беше укинато без да бидат согледани ефектите и резултатите, само за постигнување на краток популистички ефект кај граѓаните.
Како Унија на млади сили се заложивте за подобрување на условите во студентските домови, се реконструираа два блока во студентскиот дом „Гоце Делчев“, во кој со децении никој немаше интервенирано. Колку како најбројна младинска организација во Македонија сте задоволни од тоа што сте реализирале досега?
Нелоски: Секогаш може повеќе и природно е да се залагаме во таа насока, но не може да го занемариме фактот дека единствена влада во независна Македонија, која има инвестирано во изградба на нови студентски домови и реконструкција на постоечките е владата на ВМРО-ДПМНЕ. Студентскиот дом „Гоце Делчев“ беше во целосно незавидна ситуација, никој немаше инвестирано ни денар во него откако е изграден.
По преземената реконструкција на двата блока, домот стана убаво место за живеење и учење на младите. Да останеше ВМРО на власт, за скоро време ќе беа реконструирани и другите два блока.
Сега наместо новата влада да продолжи по патот што го трасиравме, таа кратат од парите наменети за студентски домови цели 155 милиони евра. Сите се сеќаваме како Стефан Богоев во текот на изборите од уста не ги вадеше студентските домови и студентскиот стандард, а сега молчи и гледа како неговиот шеф Заев крати огромни средства со кои требаше да се подобрат условите на студентите. Ќе го посочам и Студентскиот пленум, кој го создадоа токму тие. Илјадници студенти сега, но и претходно, имаа можност да видат дека се изманипулирани. Со кратењето на средствата и неизградбата на студентските домови СДС им удира шлаканица на студентите. Ова е врвот на лицемерието.
Какви се вашите очекувања, ќе има слух новата влада за започнатите или планираните проекти кои ги имавте во вашата програма за младите?
Нелоски: Делумно кажав и во претходниот одговор, не гледам дека ќе го продолжат трендот на инвестиции и грижа за младите, напротив, тие почнуваат со кратење на средствата за изградба и реконструкција на студентски домови, средствата наменети за изградба и реконструкција на училишта, спортски сали, универзитети и преводи на книги. Едноставно кажано СДС покажа дека младите не се во прв план. Голиот популизам и ПР-тактиките што ги применуваат, дополнет со поткупување и вработување твитерџии во владата, не им носи подобар живот и реализација на проектите корисни за младите. Замислете само, доколку не спроведувавме проекти и реформи, дали денес ќе имавме толку отворени можности за младите? Тоа е разликата меѓу нас и нив. Ние реализираме, а тие само ветуваат.
Меѓутоа, ВМРО никогаш нема да биде извор на блокирање. Сите проекти кои ќе бидат закочени и оневозможени од страна на СДС, секаде каде што можеме, ќе направиме напори да ги реализираме преку локалните самоуправи. Ние не смееме да прекинеме со реализацијата на проектите. ВМРО е извор на идеи и проекти за младите кои преку директна комуникација со младите од терен се пишувани. Наша обврска е да ги чуеме и да направиме секакви напори, преку институциите на системот, но и сите можни канали да ги најдеме за реализација на проектите кои им се потребни на младите. Сепак, имам огромна недоверба во новата влада и затоа се плашам дека немаат никаков план на реализација на проектите. Тие, всушност, немаат проекти. Но, еве им порачувам, само нека продолжат да ги реализираат сите оние што ние ги најавивме, тие со тоа ќе направат многу за младите и ќе им обезбедат одлични услови.
Секоја генерација има своја борба. Која е вашата, на оваа генерација членови на ВМРО?
Нелоски: Нашата борба, борбата на оваа генерација е и повеќе од јасна. Ние како генерација, за жал, сме и ќе бидеме сведоци на едно време кое допрва ни доаѓа, а генерациите пред нас можеби и подобро ќе го препознаат бидејќи го имаат преживеано. Ни доаѓа период на големи предизвици, период во којшто ударна тупаница ќе бидат младите. Свесни сме што ѝ се случува на нашата држава, а наша обврска е да застанеме исправено пред предизвиците. Ние ќе бидеме главната пречка на секој оној ќе сака да ни ги распродаде државните интереси од една страна, а од друга страна ние мораме да мислиме и за иднината на нашите врсници. Тоа значи дека нашата борба ќе биде и за отворање на нови работни места, ќе биде и борбата за подобар образовен систем, но и исто така ќе се трудиме за отворање можности кои на младите ќе им обезбедат да уживаат еднакви можности како нашите врсници во европските земји. Знаете, многу ми е жал што ќе ви го кажам ова, но уште о првиот месец гледаме укинување и блокади на проекти од образовниот систем, наместо унапредување. Се обидуваат да спроведат безидејност и несуштински наводни реформи, без никаква дебата и без никаков слух од младите. Затоа, ние сме тука да се избориме за идните генерации. Затоа и сме се побројни од година во година, затоа што младите се согласуваат со нашите принципи, идеи, визија, прогресивна борба за иднината.
Со младите од УМС досега од хартија на дело проведовте многу проекти, делувате и преку хумани мисии, им помагате на младите луѓе. Како ќе продолжите во иднина, кои се следните чекори кои што ќе ги преземе УМС на ВМРО-ДПМНЕ?
Нелоски: Имавте можност да го видите темпото на работа на УМС. Од своето основање досега УМС никогаш не застана со своето делување, а тоа може да ви го доловат и моите претходници. Ние штотуку ја реализиравме годишната конференција и уште следниот ден продолживме со нашите активности. Морам да ви најавам дека нѐ чека напорно работно лето бидејќи ние ќе бидеме коректив на новата власт во поглед за младински политики и сето она што ги тангира младите и нашите врсници. Исто така, се ближат локалните избори, како и секогаш ние ќе ги чуеме потребите на младите. Впрочем, ние така ги креираме изборните програми за локалните избори, така ќе биде и овој пат. Затоа сакам да ви порачам да нѐ следите, но и да ѝ порачам и на власта дека Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ продолжува да работи со пеколно темпо бидејќи ние сме единствениот партнер на младите.
Разговараше: Кристина Николова-Кузмановски
(Интервјуто со Владимир Нелоски е објавено во 254. број на неделникот Република, 14.07.2017)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Полни штабови и позитивна атносфера – Младите сили на ВМРО-ДПМНЕ со низа активности и состаноци (Фото)
-
Груевски: ВМРО-ДПМНЕ движи напред, одиме со нов план за победа на идните парламентарни избори (Видео)
-
Груевски: ВМРО никогаш не стои, ВМРО се движи, се движи напред и успева
-
Груевски: Решававме стотици проблеми на младите