| четврток, 6 декември 2018 |

Емилија Александрова: Македонија не е приватна фирма на Заев или менувачница на Вицето за со неа да си играат како што сакаат

Во еден ден беа обезглавени бројни институции со разрешувањето на членовите на сите управни и надзорни одбори на јавните претпријатија, здравствени установи, центри за социјална работа, агенции и други правни лица, без исклучок, истакна на денешната прес-конференција Емилија Александрова од ВМРО-ДПМНЕ.

Во продолжение следува интегрален текст од прес-конференцијата на Емилија Александрова.

Стотици висококвалификувани луѓе беа отстранети од овие одбори за да се инсталираат партиските послушници на Заев и СДС, без воопшто да размислат какви може да бидат последиците од нивните аматерски и дилетантски акции штетни за државата.

На пример, со разрешувањето на сите членови на управниот одбор на Фондот за здравство, сега нема кој да одлучува во втор степен по жалба за лекување во странство. Односно, поради акцијата на Заев „од чистачка до директор“ за брутална партизација на државата, директно се загрозува животот на здравствените осигуреници.

СДС затоа сака и да го измени законот за администрација кој беше донесен во соработка со Европската комисија пред неколку години. СДС е подготвен да бара симнување на критериумите за да се биде член на Управен одбор или директор или вработен во јавен сектор, само за да ги партизира сите институции.

Ваквите брутални штети и штетни акции беа предмет на осуда од Европската комисија во 2006-та година. Според нив, вакви одлуки „влијаат на администрацијата од највисоко и средно менаџерско ниво и ја спречуваат употребата на меритократски систем за кариера“, како што стои во извештајот од 2006-та година.

Бараме Европската комисија да остане доследна и да го осуди бруталното партизирање на државата од страна на Заев и СДС. Македонија не е приватна фирма на Заев или менувачница на Вицето за со неа да си играат како што сакаат, парализирајќи ги институциите и загрозувајќи го животот на граѓаните само за да ги наполнат со партиски послушници.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top