| четврток, 6 декември 2018 |

Промовирана четиријазичната книга „Да не ми е сон“ од Зоран Пејковски

Деновиве во Битола промовирана беше четиријазичната книга „Да не ми е сон“ од македонскиот писател Зоран Пејковски. Станува збор за збирка песни кои се препеани на француски, романски, влашки јазик и се разбира македонската верзија.

Според промоторите проф.д-р Димитар Пандев и проф.д-р Златко Жоглев збирката песни „Да не ми е сон“ е најдоброто поетско – лирско дело во македонската поезија во 21-от век кое е претставено во Франција и Романија, а сега и во Македонија, тој како единствен натуралист во македонската литература се држи до тој негов натурализам што отвора размисли за конечното пополнување на натуралистичката празнина во македонската литература. Поетскиот дух кој го носи оваа поезија отвора можност за многустрани размислувања кои придонесуваат за отворање на македонската кон европската поезија. Не попусто, посочија и двајцата промотори, дека Зоран Пејковски е европски писател кој успешно ги отвори вратите на македонската литература во Европа.

Почитувачите на поезијата на Зоран Пејковски, и воопшто на неговата литература имаа можност преку кажувања на стихови да чујат како тие покрај, на македонски, прозвучуваат на француски, влашки и романски јазик и колку е поезијата на Пејковски милозвучна, но и како може да проструи во современите мигови на човековото живеење.

Инаку, Зоран Пејковски е единствениот натуралист во македонската литература, односно она што Емил Зола, Ги де Мопасан, Пол Алексис, Анри Сеар, Леон Еник се за француската литература, Антон Павлович – Чехов како творец на лирската драма, за руската литература, Хенрик Ибзен и Стринберг за скандинавската литература, па А.Холц и Г. Хауптман за германската литература, тоа е и Пејковски за македонската литература. Тој е драмски писател, поет, прозаист, преведувач и публицист, а е и почесен амбасадор на мирот назначен од Universelle des Ambassadeurs de la Paix, Suisse/France. Автор е на повеќе книжевно – драмски ракописи: „Атомско време“ (трагедија, 1987); „Тесно небо“ (поезија, 1993), „Последниот чин на комедијата на смртта“ (трагикомедија, 1994), „Реликвија на светлината“ (поезија, 1996), „Облак во пантолони“ (препев, 1997), „Relic of the light“ (поезија на англиски јазик, 1998), „Филозофија на смртта“ (поезија, 1999), „Љубов на вересија“ (љубовно-еротска комедија, 1999), „Театарот е ритам и стил“ (публицистика, 2002), „За животот, љубовта и смртта“ (монодрама, 2011), „Театарот е фабрика за соништа“ (публицистика, 2012), „Сон“ (трагедија, 2013), „Сега знам“ (поезија, 2014), „Сите наши кодоши“ (трагедија, 2014), „Самуилово распетие“ (драмска пиеса во стих, 2014), „Херувимите на Самуиловата круна“ (сценско-драмски рецитал 2014), „Градот на Јужното Море“ (роман, 2015), „Со љубов кон свети Климент Охридски“ (сценско- драмски рецитал, 2015), „Да не ми е сон“ (поезија, 2016), „Златна прашина“ (поезија, 2016), „Sa nu-mi fie vis“ (поезија на романски јазик, 2016), „Апостолска чудотворност“ (драмска пиеса во стих, 2016), „Мали детски разговори“ (пиеса за деца, 2016), „Избор драми-трагедии“ (трагедии, 2016), „Македонски Стар и Нов Завет“ (поема, 2017), „Реквием за љубовта“ (драмска пиеса во стих, 2017), „Реквием за смртта“ (драмска пиеса во стих, 2017), „За Македонската Библија“ (сценско-драмски рецитал, 2017), „Совршенство или смрт“ (драмска пиеса во стих, 2017), „Да не ми е сон“ на четири јазици и други.

Зоран Пејковски член на Друштвото на писатели на Македонија од 1995 година. Тој е актуелен претседател на Друштвото на писателите „Битолски книжевен круг“, а пак од 2016-та година тој е избран за редовен член на Хрватското книжевно друштво од Риека. Добитник е на голем број награди и признанија.

 

 

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top