| четврток, 6 декември 2018 |

Ода на радоста, фамилијарните вредности, G20

проф. д-р Марија Емилија Кукубајска, писател

Не секогаш најбогатите земји на светот обезбедуваат и најсреќна дистрибуција на своите природни богатства – за доброто, еднаквите права и слободите на своите граѓани, кои се слават и во германската „Ода на радоста“. Не секогаш и најбогатите родители, и фамилии, обезбедуваат најсреќно детство на своите најмлади, за нивно воспитување со духовни богатства и морални вредности со кои ќе се справуваат против беззаконието на екстремните слободи и перверзните права во погрешно применуваната демократија. На рамнотежата на материјално и морално богатство – најбудно и најискрено и` се посветуваат најразумните и најодговорни лидери на една земја, култура, народ, и фамилија, загрижени дека лажните идеологии, како и заканувачките вештачки интелигенции (AI), се борат да бидат единствено прифатливи „мејнстрим“ менаџери и записничари на реалноста, во име на „монопол на нивната пропаганда за форматирање и уредување на иднината на општествата, уредување за кое се залагаат и 20те најмоќни држави на светот.

Ваквата свесна загриженост ги опфаќа силните застапници на разумот, во соочување против слабостите на хаотичните, гротескни и штетни инстинкти или современи инквизиции на човековото природно право. За живот без страв, без постојани закани од неистомисленици, без говор на омраза и без милитантна цензура од страна на радикално левата идеологија како единствена опција за „среќа“ на човештвото, без атеизмот или другите религии – против една, христијанската, без насилство во животните средини и без силеџиски напади во кибер просторот – се залагаат (наводно) и леви и десни политики и партии, центри на моќ, или немоќ, но реалната ќе победи, но без релативизација на реалноста.
Ставот на Првата Дама на САД, Меланија Трамп во говорот во Варшава, беше јасно посветен токму на реално позитивните културните и морални цели на едно општество и држава.

Претставувајќи го говорот на претседателот на САД, Доналд Трамп, Меланија истакна дека најважна цел во претседателството на нејзиниот сопруг е безбедноста и сигурноста, на американскиот, и на сите народи; „Мислам сите се сложуваме дека луѓето треба да можат да го живеат сопствениот живот без страв, во која земја и да живеат. Ова е моја желба за сите нас во светот.“
За потребата на децата да се посветуваат на солидно образование, проверено спрема највисоките светски стандарди, без да се препуштаат стихијно на девалвирачки интернет забави на безумието, се изјаснуваат и најздравите кругови на загрижени мислители во светот. Едновремено, едностраните радикални „мејнстрим“ глобалисти се залагаат да ги одземаат децата од родителите ако во нивните домови се открие дека се практикува слободата на говор и се зборува за негативни страни на некакво погрешно образование, порнографија, педофилија или ЛГБТ заедници.
За приоритетното значење на квалитетно и идеолошки непристрасно образование, при што ќе се негува и воспитание во љубезни и хумани карактери, се изјасни и Меланија Трамп. Таа доблесно ги пофали децата кои се надградуваат со активности во „Коперник центарот за наука“ во Варшава, чија мисијата е учениците промислено и информирано да се насочуваат на внимателно, објективно и слободно „набљудување, експериментирање и поставување на прашања, за добивање на одговори… Децата беа брилијантни и љубезни. Тоа многу ме радуваше“.
Идеалите на народите и луѓето кои се свесни за опасностите од нов вид тоталитарни системи, фашизам и социјализам позади лицето на глобализмот, го имаат поделено и Американците, од кои најголем дел се определија за Доналд Трамп како нивен гласник среде агресивно негативната пропаганда на западно-левичарската политика и култура во САД, Западна Европа и пошироко. На таа тема Меланија Трамп дипломатски кратко и јасно се осврна:
„Како имигрант, одрасната во комунистичко општество, многу добро ја разбирам вредноста и значењето на слободата и на еднаквните можности“.

И претседателот Трамп во својот последователен говор во Варшава, изрази восхит кон земјите кои никогаш не ја загубиле својата гордост и самосвест, и покрај изложеноста на вековни брутални напади, промени на географската карта и на националниот идентитет, како Полска. Тие инспирираат на надеж кај народите и цивилизациите кои не се откажале од свеста за слобода и независност, во која сепак, „доброто го победува злото, а мирот ја победува војната“, како што било и искуството на САД и на други земји во светот, во борбата за независност.

Зборувајќи за историјата на Полска, Претседателот Трамп ја нагласи потребата од храброст и сила во националниот карактер, цитирајќи го епископот Михаел Козал дека „Колапсот на човековиот дух е пострашен и од поразот на цели армии“. Трамп потсети и дека стариот вид на комунизам и фашизам во поробена Европа „ја уништувал слободата, верата, законите, историјата и националниот идентит“.

И денес, како и некогаш, народот во Полска, како и во Америка и Европа, извикуваат „Потребен ни е Бог“… повеќе од богатства и привилегии“, зборуваше Трамп и додаде дека силна Европа е благослов за светот, среде непријателите кои не ги прифаќаат цивилизациските вредности на Европа, чија омраза го оправдува насилството против невините. Таквите угнетувачки идеологии и екстремен тероризам низ светот, новата влада на Америка не може да ги прифаќа.

Меѓу другите, нови форми на агресија и опресија, Трамп ја опфати и најновата реалност, која се однесува на САД, Европа и светот. Трамп посочи дека во новите форми на агресија спаѓаат пропагандата, финансискиот криминал, кибернетските војни и новите бирократски регулативи кои ги задушуваат слободите и судбините на народите. Тоа бара од новите лидери во Америка и Европа да се борат на нови и ефикасни полиња на соочување, во одбрана и на националниот суверенитет и на личните слободи, во „зачувување на врските во културата, верата и традицијата кои не` прават она што сме“. Ако не ги проверуваме, овие сили ќе ја поткопуваат нашата храброст, ќе го издишуваат нашиот дух и ќе ја слабеат нашата волја да се браниме и себе си и нашите општества… Нашите непријатели нема да победат ако не заборавиме кои сме… додека ја славиме нашата иновативност и нашите стари херои, додека ги чуваме нашите надвременски традиции и обичаи, додека постојано истражуваме и откриваме нови дострели.“

Во продолжение од својот говор, често пропратен со аплауз и овации, Доналд Трамп посебно ги издвои залагањата на неговата влада за владеење на правото, за заштита на правата на слободен говор и изразување, за достоинството и надежта на секој човечки живот, нација и цивилизација, и за постигнување на брилијантни и инспиративните уметнички дела создадени во славење на Бог.

„Можеме да имаме најсилни економии и најсмртоносно оружје на Земјата, но ако немаме силни фамилии и силни вредности, ќе бидеме слаби, и нема да опстоиме. Оваа заедница на народи споделува и нешто друго заедничко: тоа е народот, а не моќните, што од секогаш го сочинува темелите не слободата и каменот-темелник на одбраната. Се додека си ја знаеме историјата, ќе знаеме и како да ја градиме иднината“, зборуваше Трамп.
Тој продолжи со основното прашање на нашето време: дали ќе опстане Евро-американската цивилизација, дали луѓето имаат доверба во своите вредности за да ги бранат по секоја цена, дали власта има доволно почит кон своите граѓани кои треба да се тие што ќе ги заштитуваат границите на својата земја, дали граѓаните имаат желба и храброст да ја зачуваат својата цивилизација пред нападите на оние кои ја пореметуваат и уништуваат.

Оние „обоени, безбојни, маскирани или демаскирани револуционери и анархисти на хаосот“ кои палат, растураат и напаѓаат имоти и луѓе низ Европа и светот, носат и најгруби пораки против најоригиналниот, најсовремен а сепак конвенционален и рационален претседател на САД, Доналд Трамп. Таквите левичари кои со контра-пропаганда лажно се борат против (нивните) најбогати либерални глобалисти, се истите кои најбезмилосно се борат и против христијанските вредности.

За моќта и значењето на позитивните христијански вредности зборуваше и потпретседателот на САД, Мајк Пенс, на 23 јуни 2017 година. Во својот говор по повод 40 годишниот јубилеј на „Фокус на фамилијата“, образовно-воспитна организација основана од Др. Џејмс Добсон, Мајл Пенс го истакна нејзиното влијанието во култивирање на човечната мудрост и морал кај милиони американски фамилии и млади генерации кои се подготвувале да се соочуваат со деструктивноста на анти-конзервативните, анти-фамилијарните промени.

Главна мисија на „Фокус на фамилијата“ ја имаат препознаено и преземено 7.000 радио станици во 150 земји, од причина што таа го дифузира она што е исправно, што и` доликува на човековата морална интелигенција. За тие цели се залага и Др. Добсон, како и Мајк Пенс кој го смета овој медиумски гигант посветен на фамилијарните христијански, традиционални и патриотски вредности – за светла патека на конзервативните вредности.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top