| четврток, 6 декември 2018 |

Реалност

 

Ацо Станковски

Ацо Станковски

  • Видете ги овие ѓубришта! Никнуваат низ државата како печурки по дожд. Тоа е нашата реалност – ѓубришта, што како планини се издигаат кон хоризонтот.Маршалот сака да се вози низ природата, да се смирува, да побегне од ужасната и зовриена реалност на градот, кој по проектот „Скопје 2014“ стана вистинска туристичка мека, а вриежот од целиот тој свет се претвора во неподнослива машинерија за тортура на сите оние кои сакаат мир и спокојство. А Маршалот беше голем љубител на овие комодитети на универзалната реалност. Но, кога ќе се вденеше кон внатрешноста, кон планините и ливадите, стануваше среќен. Тоа му го носеше смирението, кое страсно го шмукаше со својот плебејски нос, сите тие милни ароми од растенијата и дрвјата. Често пати ќе ја извадеше својата гигантска глава од бочниот прозорец и знаеше да се претвори во џиновски инхалатор, кој вцицуваше стотици галони свеж планински воздух. Уживаше со невидена сласт, иако воопшто не беше задоволен од политичката атмосфера во земјата. Во таков душевен амбиент, елегичен и фрагилен, тој ја здогледа огромната депонија покрај патот.
  • Ах, како смрди! Затвори го прозорецот!
  • Ок, Маршале.
  • Ова е веќе менталитет! Ова ниедна политика, ниедна акциона програма не може да го измени за најмалку сто години од сега!
  • Сепак, не треба да се биде пасивен и сето ова нема да се толерира.
  • Такво поведение би било срамно!
  • Без сомнение. Но, види ги само оние градоначалници што ја кроеја владата и мешетареа со меѓународната за новите политички констелации на најнедоличен и најподмолен начин. Токму кај нив се најголемите ѓубришта во земјата. И сето тоа поради нивната ноторна неспособност да ги организираат општествените афери. И, наместо на суд, а потоа и на општествено полезна работа, тие – оп, во министерски фотелји. Каков свет, каква перверзија!
  • Ова е само почеток. Допрва следува најсуровата реалност во режија на овие политичари на власт.
  • Одвратен развoj на настаните. Сѐ е извртено и тотално неправедно. Каква реалност?!
  • А кампањата на коалицијата на бившата власт беше – „реално“.
  • Така ли беше? Од оваа перспектива изгледа целосно надреално.
  • Чуј, човекон им вика – реално, а тие се залепија за илузиите на Комуњарец. Како беше она?
  • „За живот“, така патетично, а сепак толку банално, башка, плагијат од кампањата на српската партија „Двери“. Овде сето тоа се претвора во „Звери“!
  • А кога на политичкото милје тука во Македонија имало нешто оригинално? Понекогаш, тук и таму, но сѐ е тоа спорадична појава. Главно, идеите се увезуваат од Србија, а понекогаш и од Грција. Но, во основа, и нивните кампањи и ПР-агенции се тапа. Туку, Зеко им вети брда и долини на вечно незадоволните селани и пролетери, па го гласаа во непредвидливо голем број. Луѓето не сакаат реални работи, тие се плашат од реалноста, но кога ќе им понудиш шарени балони и грст илузии, тогаш загризуваат.
  • Какви мајмунски карактери. И сѐ повеќе ги има. Кризата ги споулави.
  • Очајници! Не можеш да обвиниш некого што сѐ уште е во животинска фаза од еволуцискиот развиток.
  • Е, тоа ти е вистинска дистопија. Но, што ќе биде кога оваа власт ќе се судри со реалноста? А реалност е дека меѓу нив има ноторен недостаток од луѓе, што имаат какво било искуство со технологијата на владеењето.
  • Затоа оваа власт ќе колабира под ударите на оние кои ја изгласаа. Овие незадоволници од претходната власт се откажаа од здраворазумската реалност и се далдисаа како стадо леминзи кон илузиите за триесет илјади денари просечна плата и маса други гаџети за нивниот егзистенцијален систем што им ги понуди Зеко. А, сега, сето тоа отиде со виорот на непланираната реалност што се воспостави во најновите простор-временски епизоди од општествениот театар наречен „Мунди“. Сега, Маршале, следи суровото будење во една крајно непријателска реалност.
  • Токму така. Во добрата книга пишува – „Тој што има, ќе добие уште повеќе, а тој што нема, ќе го загуби и тоа што го има“.
  • Сурово, нели?!
  • Не, се мисли на духовното, кое е секогаш со вистината. Тој што поседува мудрост, ќе добие уште повеќе од небесата, а тој што воопшто не се грижи за вистината, ќе ја изгуби и онаа малку смисла за реалност и со тоа потполно ќе пропадне во светот на илузиите. И сѐ би било добро, нели, доколку токму илузиите не би биле така болни искуства, посебно кога исчезнуваат, а овие страдалници и очајници ќе се разбудат во најужасната можна реалност.
  • По илузиите, кои никогаш не траат онолку колку што нивните консументи сакаат да траат, следува болната реалност на занемарените должности кон вистината.
  • Само така може да се говори за правдата, за Божјата правда, Маршале!
  • Амин!

Минута пауза.

  • Гаутама Буда вели дека болката е единствената реалност на постоењето.
  • Но, тој, исто така, вели дека го знае патот на ослободување од болката.
  • И сите ние патуваме по тој космички пат, патот на освестувањето за реалноста.
  • Гледам, размислуваш за еден нов концепт за националното помирување?! Или?
  • Уште е рано. Нека ја почувствуваат предавниците реалноста, болната реалност. Па потоа, можеби.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top