На Големата сцена на Театар „Џинот“ Велес, на 30 јуни (петок), со почеток во 20 часот, премиерно ќе биде изведена претставата „Тирамису“, според текст на полската авторка Јоана Овшианко, а во режија и адаптација на Теа Беговска.
Сценографијата за претставата е на Валентин Светозарев, костимите се на Андреј Ѓоргиевски, автор на музиката е Енес Беговски, видеото е на Данчо Стефков, а дизајнот на светлото на Звездан Миљковиќ.
Во претставата настапуваат актерите: Маја Љутков, Зорица Панчиќ, Талија Настова, Марија Стефановска, Фаик Мефаилоски, Жарко Спасовски, Душица Настова и Румена Шопова.
Претставата е четврта продукција од Годишната програма на Велешкиот театар за 2017 година и се занимава со постпазарната етика и естетика, преиспитувајќи го феноменот на консумеризмот и потрошувачкото општество, наспроти изгубената човечност и суштинските вредности на животот.
– Зборуваме за баналности, а не за суштински нешта. Се претворивме во машинерија диригирана од луѓе кои заборавиле на вистинските вредности – вели режисерката Теа Беговска.
За неа, главна провокација за постановка на претставата е токму измислениот осми лик, кој не постои во оригиналниот текст, а кој во претставата го игра актерката Румена Шопова.
– Осмиот лик е сѐ што сум јас, сѐ што е секој еден обичен човек кој се обидува да се вклопи во наметнатиот систем на општеството. Приказната на осмиот лик живее во мене, во сите нас. Тоа е приказна за вербата во подобро утре, за вербата во човечноста и вистинските вредности – додава Беговска.
Првата реприза на претставата е закажана за 02 јули, а билетите за премиерата и репризата се веќе пуштени во продажба на билетарницата на театарот во Велес.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.