Министерството за здравство, согласно Акцискиот план за превенирање на последиците од топлотни бранови врз населението во Република Македонија, а со цел заштита на здравјето на луѓето, препорачува од работни обврски да бидат ослободени бремените жени и хронично болните лица на возраст над 60 години.
Ова поради најавата на метео-алармот од Управата за хидрометеоролошки работи, според која од денеска, четврток, 29 јуни до сабота, 1 јули, територијата на целата држава ќе биде зафатена со високи температури од портокалова фаза.
На работодавците им се препорачува да го реорганизираат работното време во насока на избегнување активности на отворено во периодот од 11 до 17 часот. Министерството за здравство препорачува да не се одржуваат спортски активности на отворено во периодот од 11 до 17 часот, а особено се препорачува на установите за згрижување на децата (детски градинки) да не ги изнесуваат децата на отворено и да не практикуваат физичка активност во истиот период.
За граѓаните од целата држава потсетуваме дека е потребно да ги почитуваат општите препораки за заштита од високите температури, како што се: заштита од директна сончева изложеност, избегнување престој на отворено во периодот од 11 до 17 часот, носење светла и лесна облека, консумирање лесна храна и течности, хигиенски начин на подготовка на храната и редовно земање на терапијата кај хронично болните лица.
„Поради повисоките температури кои се најавуваат за следните денови напоменуваме дека е потребен повисок степен на внимание при подготовка и консумирање на храната“ велат од министерството.
Информации за топлотните бранови континуирано се дистрибуираат на интернет страната www.toplotnibranovi.mk.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.