| четврток, 6 декември 2018 |

Љамчевски дебитант, Стјепановиќ повратник во фудбалската репрезентација на Македонија

Наум Љамчевски од Металург, дополнително е повикан како дебитант во сениорската репрезентација на Македонија за дуелот со Норвешка на 11. јуни во Осло, а со него покана од селекторот Чедомир Јаневски доби и Остоја Стјепановиќ од Вардар. Стјепановиќ и претходно беше во А селекцијата, па ова е на некој начин враќање за него во репрезентацијата и награда за добрите игри во „црвено-црниот“ дрес. Пред нив Јаневски го освежи составот и со Даниел Ивановски од шведскиот клуб Малме.

Пресметката против Норвешка ќе ја пропуштат Александар Лазевски и Агим Ибраими. Фудбалерот на белградски Партизан доби поштеда од Јаневски, а според проценката на македонскиот селектор и Агим Ибраими заслужува неколку денови одмор по исклучително напорната сезона со Марибор.
„Благоја Љамчевски ќе патува за Осло на местото од Лазевски, мислам дека Љамчевски може да одговори на предизвикот кој ни следува. Квалитетите на Лазевски ни се познати, играше 80 минути во Шведска, ова е шанса реално да го видиме и оцениме потенцијалот на играчите кои конкурираат за место во репрезентацијата, а биле на поширок список. Љамчевски беше на списокот за нашиот дуел со Полска во Анталија, но поради повреда не можеше да ни помогне. Во вториот дел од првенството го потврди квалитетот и заслужува повик. Заедно со Стјепановиќ верувам дека ќе ни помогнат за дуелот против Норвешка. На контролните натпревари можеме да менуваме, се обидуваме да го прошириме списокот за натпреварите кои ни следуваат, а фудбалерите мора да ја сфатат одговорноста и да се наметнат на вистински начин. Со повикот за Стјепановиќ, враќањето на Шумуликовски и стандардниот Глигоров го затворивме кругот во дефанзивната средна линија. Од фудбалерите кои настапуваат во домашниот шампионат со внимание го следевме Јован Костовски, напаѓачот на Вардар кој исто така беше со нас во Анталија се наметнува како сериозен кандидат за влез во најдобрата репрезентација. Против Норвешка шанса ќе добијат Фазли, Јаховиќ и можеби Савиќ, а доколку сметаме дека е потребно ќе менуваме на следните натпревари. Агим Ибраими е поштеден од настап во Осло, Ибраими одигра дури три натпревари за помалку од две седмици, играше 90 минути и во Малме и едноставно заслужува неколку денови одмор пред да се јави на повикот од својот клуб на 12 јуни“ – изјави Јаневски за официјалната интернет страница на ФФМ.
Нашиот национален тим утре напладне во хотелот „Александар Палас“, ќе го има првиот собир пред враќањето во Скандинавија. Одигравме во Шведска на 3. јуни (0-1), па репрезентативците се вратија назад во Македонија, од каде повторно ќе заминат на Северот од Европа, во Осло. Натпреварот против Норвешка поради повреда ќе го пропуштат и Ванче Шиков, Даниел Георгиевски и Дарко Тасевски. Стефан Ристовски и Александар Трајковски се на подготовки за младата репрезенетација која в сабота има настап против Азербејџн од квалификациите за ЕП.
Селекторот Јаневски веќе најави дека Николче Новески нема да биде дел од тимот за пресметката против Норвешка со оглед на големиот број натпревари кои ги одигра сезонава.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top