Во Македонија и на северната хемисфера на Земјата изутринава во 06 часот и 24 минути почна летото. Во истовреме, на јужната полутопка настапи зимата.
Денешниот 172 ден е најдолг во годината и ќе трае 15 часа и 14 минути.
Летото ќе трае 94 дена, а ќе заврши на 22 септември кога почнува есента.
Првиот летен ден во Македонија, според прогнозата на синоптичарите, ќе биде сончев со мала облачност и слаб, претежно северен ветер. Попладне на планините некаде ќе има умерено наоблачување. Максималната температура ќе се движи од 27 до 34 степени, а УВ-индексот ќе има вредност 9.
Почетокот на летото според старите обичаи треба да се искористи за да се започне се она кон што тежнееме и успехот ќе биде загарантиран.
Пред појавата на христијанството, луѓето ги почитувале законите на природата и го прославувале доаѓањето на летото како ден на сонцето, оганот и почеток на новиот циклус.
Во врска со тоа, се верува дека почетокот на летото го симболизира и времето на исполнување на нашите желби, но и поставување на нови цели. Затоа кога почнува летото, се верува дека треба да се започне се она што го посакуваме.
Затоа, ако се што досега не сте го почнале, а сте планирале, започнете го денеска и ќе биде успешно, сосема сигурно!
Се верува дека секоја личност која овој ден ќе започне диета, со леснотија ќе дојде до саканата линија.
Освен тоа на денот кога доаѓа најтоплото годишно време, потребно е да се обнови гардеробата. Онаа старата, која не сте ја носеле претходните години, подарете ја некому. Според верувањето, со тој чин се отпушта се што е старо и непотребно, а со новата гардероба се внесува добра и свежа енергија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.