Во најголемата апатичност и дисолуција, која го беше зафатила народот од неговата бесполезна Голгота за да го спаси тоа што требаше по секоја цена да го спаси, а дали го спаси, е прашање што бара време за одговор, дојде еден неочекуван момент на триумф.
Одеднаш се создаде експлозивната еуфорија и се случи тој сосема редок подвиг, дури и за најсилните, најбогатите и најубавите.
И ете се појави грдото пајче од мочуирштата, создадени од реката Вардар, и трансформирајќи се во прекрасен лебед го однесе златното јаболко на победата. На сите им се причини дека сонуваат, дека се нашле во некоја надреална состојба, во сосема нестварна димензија.
Можеби и најмногу на протагонистите, на малиот одред вардарови воини и нивниот лидер, Раул Гонзалес.
Беа фантастични. Беа тоа мажи, поголеми борци од многумина и поголеми Македонци од огромен број вехементни фолиранти што се удираат в гради од силниот патриотизам. До кога?
Ракометарите покажаа карактер достоен за восхит. Нешто што сосема ретко сме гледале во скорашно време. Видовме храброст и волја, толку дефицитарни квалитети во овие дни на дефетизам и на порази.
Сите се обидуваат да го одвојат спортот од политиката, но оваа човекова дејност е така обременета со симболика и со тенденции што, несомнено, покажува дека е шематска еманација на политичкото, игра што најсериозно укажува на одредени можности и капацитети – токму во стратегиско-тактичките стремежи за доминација.
Тоа се мали војни, во кои можноста за жртви е сведена на минимум, освен во симболички контекст, но овој аспект знае толку силно да влијае на човековата емотивност, што понекогаш играта ескалира во вистински судир и меѓу спортистите, и меѓу навивачките групи. Тогаш се случуваат немили последици, но, за среќа, ваквите несреќни разрешници на ситуациите се ретки и брзо се ставаат под контрола.
Триумфот беше волшебен, брз и консеквентен. Вистински Блицкриг. Како на филм. Народот збесна од радост. Во скопските маала се огласија десетици кубури, кои цело ова време нивните стопани ги беа чувале во своите ректуми. Ова навистина им даде самодоверба и тие се распукаа кон небото. Јата птици избезумено летаа од дрво на дрво. Вистинска лудница.
Плепсот славеше длабоко во ноќта. Ова им дојде како мевлем на рана или, како што велат коцкарите – како кец на десетка.
Да ги поврати малку, по толку порази. Напуштени од сите, фрлени по вода, згазени од непријателот и ужасно понижени, посебно на планот на националната гордост.
Во оваа долга агонија, која треаше речиси три години, македонскиот народ трпеше пораз до пораз. Репетитивните, безидејни и бездушни орди предавници и сауросоиди со карактери на рептили зацаруваа со виталните општествено-политички позиции во државата. И немаше кој да му застане на патот на ова зло и на ова понижување, да го истера и да го поведе народот кон победоносна завршница. Само еден голем дебакл. И сите релевантни сили потонаа предавајќи му се на душманот без вистинска борба. Каков срам…
Повторно настапи таа магматична атмосфера на застоено мочуриште. Настрана, кемтрејловите што секое утро го шараат небото вдолж и нашироко. Со тоа нѐ амортизираат, нѐ дотепуваат, нѐ зомбифицираат за да заборавиме на „кубурата“, на достоинството и на решителноста. А заклетвата?
По телевизиите, биомашините со карактери на варени јајца ги емитуваат вестите за поразот, за предавството, за хиперпопулацијата на кодошите. Океан од безнадежност, од глупост и од страв.
Еве ви го Брус Ли од Вашингтон ДЦ, ќе ве тепа ако целосно и безусловно не ѝ се покорите на неговата воено-политичка компанија, наречена САД.
Велат, лажел. Бил голем лажго, веројатно се работи за комплекс на нижа вредност. Таква е судбината на Азијците во расистичка Америка – ги тера тие, кои се надвор од категоријата WASP (White Anglo-Saxon Protestant – бел англосаксонски протестант) да се срамат самите од себе и така исфрустрирани ги користат како питбултериери против другите нации, како заканувачи и мразачи. Посебно, ако влезат во одредени структури на длабоката држава.
• Држ ги Брус Ли! Мавај Брус Ли! Истепај ги свииии!
• Ритај Брус Ли, клоцај Брус Ли, по тиј магарци!
Ете, така дојде Брус Ли и сите ги претвори во мали варијанти на Калимеро. А народот целосно разочаран.
Но, бескрајно чудни се патеките Божји. Тоа што се случи во Келн со ракометниот клуб Вардар на бизнисменот Самсоненко, навистина, внесе неверојатен блесок во оваа ужасна темнина, произлезена од многуте политички порази во серија.
Оваа победа беше дар од Бога за македонскиот народ. Вода во пустина, надеж, откако сите го изневерија и го оставија во небиднината на хаосот и на стравот.
Кога хероите дојдоа во Скопје беа дочекани од народот во голем стил, со огромна љубов и невидена егзалтација народот поита да им ја честита победата на овие прекрасни борци.
Сѐ беше како во сон, како на филм, кога Раул Гонзалес, заедно со своите воини му салутираше на Александар Трети Македонски, дојде тој исцелителен момент за нацијата. За луѓето, едноставно.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.