Има нов моментум да се решава проблемот со името и се надевам дека ќе ја искористиме оваа ситуација. Мора да се најде заедничко решение и во регионот мора да се научи да се прави компромис, изјави вчера еврокомесарот Јоханес Хан по средбата со македонскиот премиер Зоран Заев во Брисел. На заедничката прес-конференција одржана по средбата, Хан потенцира дека мора да се работи на решение на проблемот со името, пишува Дневник.
– Сè уште има тенденција да се гледа кој е губитник, кој е победник, а, всушност, не би требало тоа да се случува. Ако луѓето разговараат, се надевам дека решение може да се најде, нема да биде лесно, но сега има нов моментум и се надевам дека ќе ја искористиме оваа ситуација. Мора да се најде заедничко решение, ако имаме отворен ум и ако, има волја, секогаш е можно, рече Хан.
Тој потенцира дека формирањето на новата македонска влада е позитивен развој, кој го рефлектира
демократскиот исход од изборите од декември.
– Македонија сврти нова страница по политичката криза, која траеше предолго. Ова е нов почеток, но има многу за работа за да се спроведат реформските приоритети – рече Хан.
Тој истакна дека е охрабрен од позитивните планови што му ги презентирал премиерот Заев и оти Европската Унија останува посветена да помогне во спроведувањето на реформите.
Премиерот Зоран Заев по вчерашната средба со еврокомесарот за добрососедска политика и преговори за
проширување изјави дека Владата има намера да ја придвижи Македонија на патот кон ЕУ заради целосна нејзина интеграција во европскиот блок, согласно чекорите што претстојат преку вклучување на сите чинители што може да помогнат во процесот.
Во однос на проблемот со името како пречка за членство во ЕУ Заев порача дека ако се има пријателски однос, може да се најде решение на сè.
– Грција е наш голем пријател и тие можат да застанат на нашиот процес на секое поглавје, буквално 35 пати. Но ако имаме пријателски однос, ќе имаме поголем позитивен амбиент. На мојата земја и` е потребна поддршка од соседите и` треба поддршка и од Грција и се надеваме дека соседите ќе водат грижа да ни помогнат на патот кон ЕУ – додаде тој порачувајќи дека повеќе ќе се занимаваат со европската иднина на Македонија, отколку со минатото.
Заев, исто така, рече дека со Хан се согласиле дека Македонија е партнер на ЕУ и оти сега и треба поддршка
повеќе од кога било во смисла на сигнали за интегрирање во ЕУ.
– Ова е мојата прва официјална посета што ја покажува јасната посветеност да го зајакнеме процесот на интеграции. За нас членството во ЕУ нема алтернатива. Верувам дека ќе се согласите со мене оти е крајно време овој процес да се придвижи нанапред – рече Заев додавајќи дека посветеноста е на зајакнување на судството, владеење на правото и реформи во јавната администрација.
Kако што рече премиерот, со Хан разговарале за итните реформски приоритети за да се тргне блокадата од
препораката за преговори.
– Целата влада ќе треба да направи напор во отворен дијалог со опозицијата и со граѓанското општество за поддршка на реформите. Развој на добрососедските односи е друг важен дел на мојата програма. Мојата прва билатерална посета ќе биде во Софија за да изградиме мостови на заемна поддршка. Министерот за надворешни работи патува во Атина – објасни Заев.
Еврокомесарот Хан објасни дека Прибе ќе се врати во јули за да ја советува владата. Сето тоа, како што кажа Хан, е есенцијално за да ја врати земјата на интегративниот пат, објаснувајќи дека тоа го бараат граѓаните. „75 отсто од граѓаните се за членство во ЕУ“, објасни Хан.
На прашање за пречките за преговорите и за тоа дали постои подготвеност кај Kомисијата за отворање на
поглавјата 23 и 24, што би значело вистинска помош и вистински исчекор за Македонија Хан одговори:
– Знаете дека почеток на преговорите бара препорака од Kомисијата и договор од сите 28 земји членки. Првата пречка е позитивна препорака и од владата се очекува нејзино надминување. Ги ценам напорите на премиерот веднаш да ги посети соседите и да се имаат контакти. Значајно е да се најде решение за познатиот спор за името и да се најде начин како да се придвижат работите и да се градат лични односи и доверба. Има заемно разбирање дека ова прашање е релевантно за идна интеграција на целиот регион во ЕУ и, како што секогаш велам, или ќе интегрираме стабилност или ќе извеземе нестабилност. Ако влеземе со отворен ум, ако постои волја, има и начин – смета Хан.
Заев претходно се сретна и со други највисоки евро-атлантски функционери – генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, претседател на Европскиот совет, Доналд Туск, и висока претставничка на ЕУ, Фредерика Могерини.
НЕМА ВИЗА ЗА ВЛЕЗ ВО НАТО СО РЕФЕРЕНЦАТА ФИРОМ
На новинарско прашање дали е можно земјава да влезе во ЕУ под ФИРОМ, Хан одговори дека за тоа треба
согласност oд сите.
– За една земја да влезе во семејството на ЕУ и за да ги затвори преговорите за членство, потребна е едногласна одлука од сите земји членки и затоа мора да се најде решение – потенцира Јоханес Хан.
Неколку дена претходно, грчкиот министер за надворешни работи Kоѕијас порача дека влезот во НАТО за Македонија не е можен на тој начин.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.