Во рамките на меѓународниот фестивал Арт Фест што се одржа во Ваљево (Србија) од 1-4 јуни, со учество на писатели и ликовни уметници од Романија, Тајланд, Словачка, Словенија и Србија, беше промовирана збирката раскази „Синот-Риба“ на македонскиот писател Александар Прокопиев.
„Синот-Риба“ беше објавен пред неполн месец во издание на издавачката куќа „Авант прес“ од Скопје.
Инаку одделни раскази од книгата се веќе преведени и објавени во англиски, српски, хрватски, бугарски и чешки списанија.
На промоцијата, Душан Стојковиќ, еден од најугледните критичари на српската современа литература, меѓу останатото, во своето обемно пледоаје, кажа: „Александар Прокопиев, со својата проза, нас нè забавува. Поигрувајќи се со создавањето, тој одново пресоздава приказна. Поседува сопствено плетиво, остварува сопствен прозен вез. По неговата трага неможе никој да појде. Другите, помлади писатели, не ги советува како да пристапуваат кон пишувањето најкуси прози. Тоа, или се знае, или неповратно не се умее. Неговото упатство за другите, единствено би било возможно – како антиупатство. Не се огледувајте на мене! Не се огледувајте на никого! Ниту на Чехов, ниту на Мопасана, ниту на По, ниту на Кафка, ниту на Борхес ни на Хармс! Огледајте се, единствено – ако веќе морате на некого да се огледате – на, внатрешното, себе. Тогаш, и само тогаш, ќе бидете приказна.“
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.