Новиот српски претседател Александар Вучиќ положи свечена заклетва во српското Собрание порачувајќи им на српските граѓани дека „полека но сигурно, од ден во ден ќе чувствуваат подобрување во своите животи”, пренесуваат српските медиуми.
-Немојте да гледате назад, гледајте напред. Гледајте во земјата на своите деца, а не на своите дедовци, рече Вучиќ додавајќи дека е горд на своите досегашни резултати.
-Пред нас претстои многу работа, како претседател ветувам дека ќе ги чувам мирот и стабилноста, дека ќе ја чувам и бранам иднината на нашите деца, додаде тој.
-Јас сум храбар човек, многу ве сакам и ја сакам Србија најмногу на светот. Благодарам што сте тука во толкав голем број, им порача Вучиќ на присутните во обраќањето по положувањето на заклетвата.
-Секогаш брзам, како што можете да видите, така што ми останува да кажам – поздрав, сега одам да работам, заклучи новиот претседател на Србија.
Претходно, Собранието констатира дека Александар Вучиќ поднесе оставка на местото премиер поради преземањето нова функција, со што престана и мандатот на актуелната српска влада.
Српскиот вицепремиер и министер за надворешни работи Ивица Дачиќ во техничка смисла ќе го замени досегашниот премиер до формирањето на новата влада. Кој ќе биде на функцијата премиер, се уште не е познато, но е извесно дека ова ќе се знае до 18 јуни, коментираат српските медиуми.
По положувањето на заклетвата, Вучиќ како претседател на Србија ќе има на располагање законски рок од 30 дена за да предложи нов премиер, но како што веќе најави, тоа ќе го направи многу порано.
Што се однесува до имињата на потенцијалниот нов премиер, Вучиќ не се изјаснил, но посочи дека размислува за три имиња – едно од владејачката Српска напредна партија (СНС), потоа досегашниот вицепремиер Дачиќ, но и едно непартиско лице.
Доколку Собранието не избере нова влада во рок од 30 дена од констатацијата на оставката на премиерот, Вучиќ како претседател е должен да го распушти Собранието и да распише избори. До изборот на нов премиер и новата влада, актуелната влада ќе биде во технички состав.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.