| четврток, 6 декември 2018 |

„Реквием за љубовта“-нова книга од Зоран Пејковски

„Реквием за љубовта“ е новиот драмски ракопис, кој излезе во нова книга на македонскиот писател Зоран Пејковски, во издание на издавачката куќа „Дијалог“ од Скопје. Рецензенти на овој одличен драмски ракопис се академикот Јордан Плевнеш и проф. д-р Димитар Пандев.

Притоа, академик Плевнеш за овој драмски ракопис ќе напише:… „Во драмскиот опус на Зоран Пејковски влегува новата драма во стихови „Реквием за љубовта“ која е вистински потресна трансверзала меѓу две точи на Планетата земја: Израел и Македонија. Таа е исклучителна драмска фреска во стихови“….

А пак, проф.д-р Димитар Пандев ќе напише дека таа е продлабочување на функционално-фикционалниот дијалошки натурализам. И ќе напомене дека: „ Како во ретко кој претходен драмски текст, Пејковски ја постигнува натуралистичката проекција на стварноста преку певот на поетизираниот исказ преку преточување на драмското дејство на идеално поетско-драмско меѓурамниште“….

Инаку, Зоран Пејковски е единствениот натуралист во македонската литература, тој е драмски писател, поет, прозаист, преведувач и публицист. Автор е на повеќе книжевно-драмски, прозни и поетски остварувања. Како на пример на драмските ракописи: „Атомско време“, „Последниот чин на комедијата на смртта“, „За животот, љубовта и смртта“, „Сон“, „Сите наши кодоши“, „Самуилово распетие“, „Херувимите на Самуиловата круна“, „Со љубов кон Свети Климент Охридски“, „Апостолска чудотворност“, „Мали детски разговори“, „Избор драми-трагедии“, „Реквием за љубовта“. Што се однесува до поезијата и прозата, тој е автор и на: „Тесно небо“, „Реликвија на светлината“, „Облак во панталони“ (препев од руски на поемата на Владимир В. Мајаковски, 1997); „Relic of the light“ (поезија на англиски јазик, 1998); „Филозофија на смртта“, „Сега знам“, „Градот на Јужното Море“ (роман, 2015); „Да не ми е сон“, „Златна прашина“, „Sa nu – mi fie vis“ (поезија на романски јазик, 2016); „Македонски Стар и Нов Завет (поема, 2017). Како и публицистичките книги: „Театарот е ритам и стил“, „Театарот е фабрика за соништа“, и други.

Инаку, Зоран Пејковски е добитник на повеќе награди и признанија, меѓу кои: „За серија информации во популаризација на книгата“ на Културно- просветната заедница на Македонија, во 1992 година; наградата „Празник на липите“, во 2012 година, која ја доделува Друштвото на писателите на Македонија, на истоимената Меѓународна книжевна манифестација; наградата „Медијала“ на „Македонија презент“ за збирката песни „Сега знам“, во 2014 година, како и наградата „4-ти Ноември“ на Општината Битола, за книжевност и литература, за 2014 година, за драмскиот текст „Сите наши кодоши“ и збирката песни „Сега знам“. Во 2016 година ја добива и наградата „Јован Котевски“ за збирката песни „Златна прашина“, како и наградата „ЕРГО СУМ“ за популаризација и афирмација на театарскиот израз. А ја добива и наградата „Прозни мајстори“ за романот „Градот на Јужното море“. При крајот на 2016 година Националната установа Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ од Битола му ја доделува наградата „Св.Климент Охридски“ за придонес во литературата и културата. Потоа Зоран Пејковски во 2016 година, од институцијата Universelle des Ambassadeurs de la Paix, Suisse/France, е назначен за почесен амбасадор на мирот. А оваа титула, е доделена од Швајцарија и Франција, и им се доделува на големи книжевни и уметнички имиња кои ја презентираат литературата од земјата од каде што потекнуваат во европски и светски рамки, но и за нивен придонес за човештвото во Европа и светот, со која титула Зоран Пејковски македонската литература ја донесе во европските и светските меридијани, а тој, самото посебе, станува не само македонски, туку и европски и светски писател. Што се однесува пак до оваа 2017-та година, Зоран Пејковски ја добива и наградата „Григор Прличев“ за најдобра необјавена поема на македонски јазик, за поемата „Македонски Стар и Нов Завет“. А го добива и признанието за најдобар автор претставен пред велешката публика.

Пејковски е преведуван на повеќе странски јазици: англиски, француски, српски, хрватски, црногорски, босански, словенечки, руски, бугарски, грчки, албански, португалски, полски, шпански, романски, влашки, монголски итн. А неговите претствави се играле и надвор од Република Македонија.

Инаку, тој е член на Друштвото на писатели на Македонија – Скопје од 1995 година; член на Собранискиот одбор на Друштвото на писатели на Македонија – Скопје; член на Македонското научно друштво од Битола и член на неговиот Управен одбор; претседател на Друштвото на писатели „Битолски книжевен круг“ од Битола; главен и одговорен уредник на списанието за книжевност, уметност и култура „Раст“, кое излегува во рамките на Друштвото на писатели „Битолски книжевен круг“ од Битола, а е главен и одговорен уредник на информативниот неделник „Јавност“ од Битола;

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top