И покрај сите порази и разочарувања, ентузијазмот не спласнува. Дури и денес, по тоа апатично и безобразно предавање на мандатот од страната на претседателот на државата на лидерот на парламентарното мнозинство, некоја чудесна и таинствена надеж, дека правдата, конечно, ќе стапне на сцената, не ги напушта вечно оптимистички настроените патриоти.
• Ова нема тукутака да застане – се огласуваат патриотските сили, кои, како по обичај, лутаат од ендек до ендек, вака оставени самите на себе, без раководство и јасна стратегија.
• Лидерството отсекогаш било проблем во нашата татковина. Посебно во поновата историја гледаме како во пресудни моменти за нацијата изостанувало силно и храбро лидерство. Но, така ти е тоа со малите нации. Тие како да имаат судбина да им бидат трабанти на големите сили и беспоговорно да го прават тоа, што ќе им се каже.
• А, ако не?!
• Тогаш следува сурова казна, која, меѓу другото, треба да им служи на сличните како лекција што тешко ќе ја заборават.
• Како ние, што никако не можеме да ја заборавиме таа што ѝ ја дадоа на Србија во 1999 година, а потоа на нашата татковина во 2001 година. Потоа срамно нѐ турнаа на колена под товарот на рамковниот диктат.
• Сега го прават истото, само што има малку поинаков декор на сцената.
• Без сомнение, маршале. (Се возиме по метрополата без причина, со нас е и Карамаз, стар пријател.)
• Се обидуваат да бидат суптилни, но досега таинственоста им оди како на слон во порцеланска работилница.
• Велат, силно го притиснале галапчето, а тоа го снесло јајцето. Шарените слават, јадат и пијат и се фотографираат, па на мрежата, па си честитаат, па триумфално егзалтираат на своите профили.
• Дал да ги жалиш или да ги мразиш поради бесрамноста во однос на нивното поведение сите овие години од почетокот на кризата со бомбите Заеви, па сѐ до капитулацијата на правната држава и националното раководство, во секоја смисла. Но, силни биле ударите на Брус Ли или како ли се викаше тој виетнамски јаничар од ЦИА?
• Хојт Брајан Ји, маршале! Велат, бил љубител на елитни проститутки. Уште се мота по регионот, пред некој ден беше виден во Црна Гора, а потоа во Албанија, ги спроведува директивите на длабоката држава за ескалација на безбедносните проблеми меѓу соседните држави, кои беа предвидени да бидат на „линијата на огнот“ според доктрината на поранешниот државен секретар, Џон Кери.
• Но, како ништо да не се менува, сѐ оди според плановите на администрацијата на Обама, иако Трамп веќе одамна зацарува во Белата куќа.
• Мочуриштето во Вашингтон ДЦ се покажа како премногу длабоко. Да не беа Русите и другар му Путин, досега претседателот Доналд Трамп ќе го проголташе чудовиштето, кое живее во ова гигантско блато. Тоа е, маршале, како што добро знаеш, една суперразгранета мрежа на агенти и криминални банди, чијашто ултимативна цел е моќта, која носи профит и сѐ друго. За жал, сега и нашата држава падна како плен на ова ужасно интернационално чудовиште, чијашто глава е зариена во тињата на мочуриштето во Вашингтон ДЦ.
• Така е тоа, кога немаме лидер што ќе му излезе на мегдан на ова одвратно чудовиште.
• Никој не сака да оди курбан за бадијала, маршале. Луѓе како Ганди или Нелсон Мандела се ретки. А и не можеш да очекуваш од нив вакви триумфи на волјата. Сите тие се нежни и внимателни домаќини, кои прво си ја гледаат фамилијата. Нормални луѓе се тоа, маршале. Не можеш од пудлица да направиш лав со помош на добар фризер, нити, пак, од зајак магаре со засилена исхрана. Наше си е да се помириме и да молчиме.
• Па и да се побуниме, како што се буневме сите овие денови, ќе добиевме само главоболки и настинки.
• Така е, маршале, а сето тоа доаѓа од кемтрејловите, кои ги создава длабоката држава, прскајќи во атмосферата од своите авиони за специјални операции супстанции, кои дејствуваат инхибициски на граѓаните. Затоа целата атмосфера е апатична и индолентна. Дури и шарените немаат доволно ентузијазам во своите прослави за добивањето на мандатот од страната на нивниот овчар.
• Познати ми се тие потфати на длабоката држава. Порано истураа смирувачки средства во градскиот водовод, денес тоа го прават преку воздухот.
• Всушност, ние сите сме ставени во позиција на експериментални глувци.
• И тоа одамна…
• Сега може да го сменат името правејќи ѝ услуга на Грција и да нѐ напикаат во НАТО, во таа одвратна злосторничка дружина.
• Токму така, а потоа да почнат со новата војна, која овој пат, без сомнение, ќе ја загубат, воедно ризикувајќи го постоењето на своите сателити. Мислам на сојузничките помали народи.
• С.Р.А.М., маршале, тоа би можело да биде новото име на нашата држава. Од Ф.И.Р.О.М. во С.Р.А.М.
• И, што ти значи тој акроним?
• Тоа е Сојузна Република Албано-Македонија, маршале, името што ќе го носиме во иднината, мој драг маршале.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.