Синоќа во галеријата на Факултетот за ликовни уметности во Скопје беше отворена изложбата „Потрага по смислата на ликовноста, во соочување со убавината на природата“ на македонскиот ликовен уметник Владимир Темков на која беа претставени дела од магистерски труд изработени во акрил на платно.

– Со оваа изложба заокружувам значаен период од моето ликовно творештво од сѐ што досега сум работел и патот што требаше да го изодам за да стигнам дотука. Делата од магистерскиот труд се всушност прва фаза од неколкуте циклуси што допрва треба да следуваат и што ми отвораат нови простори и видици во теоријата на ликовната уметност. Тоа што постојано нагласував дека ни недостига наобразба навистина и го мислам – вели Темков.

За неговото творештво Кирил Темков пишува дека неговите творби говорат за еден голем мајстор, кој себеси се обликува со отворени очи кон природата, со посветување на учењето и творењето, со постојано работење и усовршување.

– По повеќе од три децении творештво и подем, можеме да кажеме дека Владимир Темков е показ не само на обемот и валидноста на ликовната амбиција, туку пред сѐ израз на силата на креативната моќ – вели Кирил Темков.

Владимир Темков е роден во 1959 година во Кавадарци. Во Скопје завршил Средно уметничко училиште, Педагошка академија и Факултет за ликовни уметности, каде што и магистрирал. Живее и работи во Кавадарци. Досега имал над 60 самостојни и групни изложби. Учествувал на многу меѓународни колонии, во државата и во странство и остварил неколку студиски престои во странство.


Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


