| четврток, 6 декември 2018 |

Поканата од Могерини за Заев е уште еден доказ дека Заев го постави чадорот, а не го избра народот

Македонија е земја која на Европа и послужи како заморче врз кое ги спроведува своите болни и недемократски опити. Последниве две години се години на политички преседани кои Европа бескрупулозно ги спроведува

Зоран Заев, иако е само мандатар и е во тек на преговори за составување на новата влада, веќе е поканет во седиштето на ЕУ, во Брисел, како шеф на македонската влада. Како што јави дописникот на МИА од Брисел, високата претставничка на ЕУ, Федерика Могерини, му упатила покана на Заев да присуствува во седиштето на ЕУ на утрешната неформална вечера на премиерите на шесте балкански држави.

Могерини минатата недела изјави дека настанот кој се организира во Брисел е наменет за тие што се на премиерската функција и тогаш беше посочено дека техничкиот премиер Емил Димитриев ќе биде присутен на средбата. Заев може официјално да го замени Димитриев на премиерската позиција само откако Собранието ќе ја изгласа новата влада. Засега Заев го има само мандатот во раце, но не и премиерската фотелја.

Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, од кабинетот на Могерини во рамките на Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС), поканата до Заев била испратена во својство на „определен за премиер“. Тоа значи дека лидерот на македонските социјалдемократи, иако сè уште не е избран за нов претседател на македонската влада, утре во Брисел ќе биде претставен како таков.

Покрај премиерите на Србија, Александар Вучиќ, на Црна Гора, Душко Марковиќ, Еди Рама (Албанија), Иса Мустафа (Косово) и Дениз Звиздиќ (Босна и Херцеговина), Зоран Заев ќе ја претставува Република Македонија на утрешната неформална вечера што ќе се одржи во зградата на ЕЕАС во Брисел.

analiza231-zaev-kece-740x320

Иако од Кабинетот на високата претставничка на ЕУ претходно соопштија дека поканите се испратени до актуелните премиери, во случајот со Заев и Македонија, Могерини одлучила да направи отстапка и сè уште неизбран на функцијата македонски премиер да го покани него и да го претстави пред останатите лидери од Западниот Балкан.

Претходно портпаролката на Могерини, Маја Коцијанчич, најавувајќи ја утрешната неформална вечера на премиерите на шесте балкански држави со Могерини, истакна дека целта е да се разговара за состојбата во регионот во врска со последните случувања, како и да се погледне „како сите заедно може да се движат напред“.

– Оваа вечера, исто така, ќе биде продолжение на посетата на високата претставничка Могерини на регионот во март оваа година – истакна портпаролката Коцијанчич во најавата за утрешниот настан.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top