| четврток, 6 декември 2018 |

Веселин Вујовиќ заработи едногодишна суспензија поради учество во инцидентите

Веселин Вујовиќ е суспендиран од Ракометната федерација на Македонија на една година, што е една од најголемите казни во историјата на македонскиот ракомет. Тренерот на Вардар го предводеше тимот до шампионската титула во македонското првенство, но учествуваше во инцидентите за време на дербито со Металург и поради тоа што не му е првпат да се однесува несоодветно на теренот доби ригорозна казна од РФМ.

vujovic-5
Илија Абутовиќ од Вардар и Филип Миркуловски од Металург, чијшто меѓусебен конфликт го иницираше големиот инцидент, се казнети со по еден меч неиграње, но Вујовиќ доби многу поригорозна казна бидејќи бил дополнително пријавен од страна на судиите за навредите и за заканите што ги упатил кон нив. „Вардарци“ поради слабата организација на натпреварот ќе треба да платат 10.000 денари.
Дисциплинската комисија во РФМ донесе и одлука за прекинатиот натпревар меѓу Пелистер и Тинекс пролет, кој беше регистриран со службена победа на гостите од Скопје со 0-10. Покрај тоа, Пелистер е казнет со одземање еден бод, домашниот ракометар Мемиќ заработи суспензија од две години од ракометните терени во Македонија, а битолскиот клуб ќе плати и 60.000 денари за нередите што се случија на оваа средба.
Ваквите ригорозни казни изречени од страна на Ракометната федерација на Македонија се јасен знак дека новото раководство нема да толерира инциденти на терените низ земјава, нешто што вообичаено беше случај во изминатиот период и минуваше без посериозни санкции.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top