| четврток, 6 декември 2018 |

Ѓоковиќ: Менталната сила е моја најсилна страна

novak djokovic

Поранешниот најдобар светски тенисер Новак Ѓоковиќ со вчерашната победа над Николас Алмагро од 2-1 во сетови успеа да обезбеди осминафинале на мастерс-турнирот во Мадрид, кој е втор на земјена подлога оваа сезона.

Некогашниот рекет број еден повторно се намачи за да стигне до победа на оваа подлога, а по мечот вели дека неговата ментална сила беше одлучувачки фактор за оваа тешка победа над шпанскиот тенисер.

– Нов меч и нова драма. Сите три натпревари кои ги одиграв на земјена подлога се одлучуваат или со 6-4 или со 7-5 во последниот сет. Изгледа како на сите овие натпревари да ги тестирам моите крајни граници. Во овој момент, менталната сила е мојата најголема предност и единствена позитивна работа која можам да ја одвојам од овој меч. Се надевам дека во следните ќе бидам многу подобар и ќе извојувам полесни победи – истакна Ноле.

Во осминафиналето Ѓоковиќ ќе се соочи со уште еден Шпанец, Фелисијано Лопаз, кој вчера славеше победа над Жил Симон.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top