Во „Галерија 8“ утре со поќеток во 19.30 часот ќе биде промовиран петтиот број на активистичкиот уличен магазин „Лице в лице“, како дел од одбележувањето на Светскиот ден на животната средина.
На промоцијата ќе биде отворена и изложба на најуспешните фотографии од фотоконкурсот „Една фотографија – илјада зборови“, кој „Лице в лице“ го организираше во соработка со Платформата за креативни индустрии „Скопје креатива“. Ќе бидат објавени и наградените автори и дела од оваа изложба, кои ги избра жири во состав Томислав Георгиев, фотограф, Вук Митевски, ликовен уметник и филмски работник и Игор Ивковиќ, театарски режисер. На првонаградениот автор „Скопје креатива“ ќе му обезбеди самостојна изложба, а сите наградени ќе добијат вредносни награди од „Никон“ и акредитации за следење на Меѓународниот фестивал на креативен документарен филм „Македокс“.
Промотори на новиот број ќе бидат уметникот Игор Тошевски, ракометарот Наумче Мојсовски и радиоводителките Ана и Билјана од „Метрополис мрежа“.
Промоцијата е во рамки на одбележувањето на 5 јуни, Светскиот ден на животната средина, а Центарот за медиумски активности (ЦМА), кој е издавач на списанието, преку „Лице в лице“ се вклучи во глобалната прослава. Годинашната тема „Мисли. Јади. Зачувај“ ѝи е посветена на храната, остатоците и фрлањето на храна и како да се превенира нејзиното губење.
Со првите сто промотивни примероци на „Лице в лице“, за читателите има и подарок, обележувачи за книги од рачно изработена садлива хартија, кои Јасмина Главинче ги направи специјално за промоцијата на магазинот во рамки на Светскиот ден на животната средина, и енергетскоефикасни шолји од ЕВН Македонија.
На промоцијата ќе има и продажна изложба на ракотворби на две уметници, Јасмина Главинче, со нејзиното креативно студио „Визарт“, и Блашка Миева.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.