Поранешниот македонски селектор Бошко Ѓуровски денеска и официјално е промовиран како нов тренер на Црвена звезда. Тој ќе го наследи Миодраг Божовиќ до крајот на сезоната, откако претходниот стратег даде оставка по поразот од Вождовац.
Бошко Ѓуровски по една деценија се враќа во клубот како тренер, а инаку е и играчка легенда на Црвена звезда.
– Должам голема благодарност до Црвена звезда, до раководството и до нашите навивачи за укажаната доверба. Кога ми се јави господинот Терзиќ, не размислував воопшто. Повик од Црвена звезда не се одбива. Ова е за мене голем предизвик, но не се плашам од тоа. Јас сум звездаш во срцето, моето срце е на стадионот и ќе дадам се од себе за да ги завршиме достоинствено овие пет натпревари. Не заборавајте дека веќе утре не очекува куп-дуел со Чукарички, што мораме да го поминеме. Никогаш не се радувам однапред. Црвена звезда секогаш била моќна, и тоа ќе го барам од фудбалерите да го покажеме и во овие преостанати мечеви. Овде на Балканот, секогаш се прави теорија дека однапред е се познато, ама не е така. Ќе играме до последен момент и ќе се надеваме за освојување на шампионската титула, како и трофејот во Купот. Засега се договоривме да бидам тренер до крајот на оваа сезона, а потоа ќе разговараме за понатаму – изјави Бошко Ѓуровски на прес – конференцијата по именувањето за нов шеф на стручниот штаб на „црвено-белите“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.