Не помина многу време откако беше обелоденето дека реномираната њујоршка агенција за недвижности „Даглас Елман“ ќе продава атрактивни објекти во кои беше сместена југословенската дипломатија, а веќе се шпекулира со имињата на тие што би можеле да ја купат некогашната луксузна вила на Маршалот Тито. Kој ќе биде станарот, кој ќе ги земе клучевите од луксузното здание на Петта авенија, во која некогаш Тито, Насер и Нехру го создале Движењето на неврзаните? Kој ќе биде следниот газда на зградата која е една од попознатите во тој регион, изградена во стилот на версајскиот раскош и во која се наоѓа и едно од чудата на Никола Тесла – индукциското јајце?
Засега се` се сведува на шпекулации, иако од агенцијата веќе рекоа дека има пет-шест муштерии со сериозни намери да ја купат зградата проценета на 50 милиони долари. „Дневник“ од свои извори дознава дека како потенцијален муштерија е и првата дама на САД, Меланија Трамп, која совршено би се вклопила во целата приказна за луксузната вила – таа по потекло е од Словенија, односно поранешна Југославија. Агентот, пак, што е задолжен да му ја продаде вилата некому во мрежата од клиентите, е Тристан Харпер, кој како малечок престојувал во Сплит и с` уште зборува по некој збор хрватски.
– Не би можел во моментов да ви кажам дали е Меланија меѓу заинтересираните, иако таа порано била муштерија на „Даглас Елман“. Објектот е атрактивен, па зошто Меланија Трамп не би сакала токму тој имот да го поседува – вели нашиот неименуван извор.
Александар Угриноски, директор на организациски работи во МНР, владин повереник во процесот за сукцесија задолжен за анексот поврзан со поделбата на дипломатско-конзуларниот имот и уметничките слики и кој во март годинава во Њујорк беше еден од петте потписници на договорот за заедничка продажба на неколку ДKП, вели дека не знае кои се потенцијалните муштерии, но ако се случи токму првата дама на САД да стане сопственичка, „тоа би било многу убава порака за Македонија и за регионот“.
Угриноски не` информира како токму сега се продава тој атрактивен имот и зошто токму преку таа агенција.
– Во 2016 година на состанокот на Заедничкиот комитет во Скопје ги договоривме принципите за натамошна работа и методологијата за продажба на пет имоти. Станува збор за зградата во која е сместена Постојната мисија на Србија во ОН (позната како луксузната вила на Тито), како и резиденција на Парк-авенијата, потоа амбасадите со резиденции во Бон и во Токио и амбасадата во Берн – вели Угриноски.
Истата година во октомври на состанокот во Љубљана биле договорени вредностите на објектите и текстот за јавниот повик за избор на агенција, кој е објавен во „Фајненшел тајмс“ и во „Економист“.
– Во март со претставниците на Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина и Србија, со главниот директор на „Даглас Елман“ во Њујорк го потпишавме договорот за заедничка продажба. Агенцијата нам ништо не ни наплаќа, туку својата заработувачка ја добива од провизијата што ја плаќа купувачот. Инаку, согласно договореното, на Македонија ~ припаѓаат осум проценти од сумата за која објектот ќе биде продаден – додава Угриноски
Заедничката проценка за Титовата вила е 50 милиони долари. Таа луксузна вила била изградена за 60.000 долари, и во 1912 година прв сопственик станува Џорџ Грант Мејсон, кој платил 725.000 долари, а во тоа време тоа била највисоката сума дадена за приватна куќа на Менхетен, објави неодамна „Њујорк пост“.
Истата агенција за недвижности ќе ја продава и резиденцијата што се наоѓа на Парк-авенијата во Њујорк, но која повеќе од 25 години стои празна. Станува збор за резиденцијална куќа од 408 квадратни метри во атрактивен дел на градот и ,спред претставник на агенцијата, проценета на 20 милиони долари.
Што се однесува до објектите во Берн, Токио и во Бон и тие ќе ги продава „Даглас Елман“, но тие имоти уште не се огласени и не се спомнува нивната договорена вредност. Инаку за да се продаде кој било од овие имоти, ќе треба конечно да се согласат сите пет наследници и тоа да биде потврдено од нивните влади.
Според Угриноски, се очекува овој процес да биде завршен до крајот на годинава, доколку, секако, се најдат купувачи.
Не помалку атрактивен имот за продажба покрај Титовата вила е и луксузната резиденција на Парк-авенијата, која е празна од 1990 година. Тој стан-дуплекс се наоѓа во зграда во која своевремено живеел и познатиот холивудски актер Џек Николсон. Сепак, тој, и покрај тоа што е славен, морал да се отсели затоа што бил многу бучен кога ги правел лудите забави. Се зборува дека за тој стан била заинтересирана и актерката Анџелина Џоли. Инаку, покрај сегашните пет објекти, наскоро треба наследничките на дипломатскиот имот на СФРЈ да се договорат и за физичката делба на имотите во Бразилија и во Њу Делхи.
извор: Дневник
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.