Во насилниот избор на претседател на Собранието на Република Македонија СДС ги прекрши следниве одредби:
Член 63 од Уставот вели дека Конститутивната седница ја свикува претседателот на Собранието од претходниот состав и само доколку не се закаже конститутивна седница во предвидениот рок, пратениците сами се состануваат и го конституираат Собранието на дваесет и првиот ден од денот на завршувањето на изборите. Конститутивната седница во моментов има легитимен претседавач во согласност со Уставот и со Деловникот, а тоа е претседателот во заминување Трајко Велјановски.
Член 9 од Деловникот на Собранието вели:
(1) Доколку првата седница на Собранието не ја свика претседателот на заминување, седницата се одржува на дваесет и првиот ден од завршувањето на изборите, во 10 часот, а ја свикува најстариот по години избран пратеник. Ако и тој одбие да ја свика, тоа право преминува редоследно на наредниот по години избран пратеник, сѐ до избраниот пратеник што ќе се согласи да ја свика првата седница. Во овој случај седницата беше свикана од досегашниот претседател Трајко Вељановски во претходниот состав, а актуелен пратеник. Значи сосема легитимно и во согласност со Уставот и законите и со Деловникот.
(2) Пратеникот што ја свикал првата седница, тоа е Трајко Вељановски, претседава со седницата на Собранието (во натамошниот текст: претседавач), додека новоизбраниот претседател или еден од потпретседателите не ја преземе должноста.
Бидејќи конститутивната седница беше свикана во предвидениот рок, како што сите знаеме, од претседателот на претходниот состав, тој и претседава со неа, токму како што вели ставот 2 од членот 9 од Деловникот. Само доколку претходниот претседател не ја свикаше конститутивната седница, а ја свика, тогаш, во согласност со одредбите, седницата ќе ја свикаше најстариот пратеник и ќе претседаваше со неа. Во овој, деветти состав на Собранието, најстар пратеник по возраст е пратеникот Бранко Маноиловски од ДУИ.
Според претходно наведеното, целосно нелегитимна, противуставна и противделовничка е улогата на Ферид Мухиќ како претседавач, кој, всушност, не е ниту најстар пратеник во овој состав на Собранието, ниту, пак, беше најстариот пратеник во салата, ниту, пак, има деловничка оправданост за друг претседавач на конститутивната седница, освен досегашниот претседавач Трајко Вељановски. Преседан е произволното одредување и назначување претседавач надвор од секаква деловничка процедура!
Член 68 од Деловникот го уредува времетраењето на седниците:
(4) Седница на Собранието се одржува во времето од 11.00 до 18.00 часот, со пауза од еден час, ако претседателот на Собранието не одлучи поинаку за одделни седници.
Бидејќи не беше одлучено поинаку, ниту договорено, претседавачот на конститутивната седница дваесеттото продолжение од неа, одржано на 27.4.2017 година, деловнички го затвори во 18.00 часот и ги извести пратениците, медиумите и јавноста дека следното продолжение ќе се одржи утредента, со почеток во 11.00 часот. Одржувањето на следното 21. продолжение беше договорено по претходна консултација со сите политички партии.
Обидот да се глуми ново продолжение на конститутивната седница е нелегитимно и претставува кршење на одредби од Деловникот и на правилниците за работата на Собранието што се однесуваат за свикување и за организирање ново продолжение на седница. Собраниската служба ги реализираше сите предвидени чекори и обврски за свикување на следното 21. продолжение. Беше почитувана процедурата во електронскиот систем е-парламент, со забелешка што ја добиваат сите пратеници на своите службени е-адреси. Воедно, системот за е-парламент, поврзан со официјалната веб-страница на Собранието, го евидентираше 21. продолжение на конститутивната седница за 28.4.2017 година во 11 часот, што беше видливо за медиумите и за граѓаните.
Законот за Собрание предвидува јавност на седниците. Во конкретниот случај немаше пренос на седницата, ниту, пак, имаше соодветен превод, а Талат Џафери се обраќаше исклучително и само на албански јазик.
Членот 80 од Деловникот јасно укажува дека не смее една точка да се затвора додека не се исцрпат дискусиите за неа. Ниту еден член од Деловникот не може и не смее да се толкува изолирано од другите членови. Членот 78 не може да се толкува без да се има предвид членот 80, што значи редоследот на точките од утврден дневен ред може да се менува единствено по завршен претрес на почната точка по која тече расправата.
Во целата историја на работењето Собранието на Република Македонија, не постои ниту еден пример, кога во тек на расправа за некоја точка, расправата била прекината и се преминало на друга точка од утврдениот дневен ред. Затоа не беше споменат и посочен таков пример од пратениците што упорно настојуваа да се прекине почнатата расправа и да се премине на следната точка.
Со актот на СДС се суспендираше и правото на комисијата и на други пратеници да дадат свој предлог за претседател на Собранието. Со актот на СДС се суспендираше правото на комисијата и на други пратеници во Собранието на Република Македонија да дадат свој легитимен законски и деловнички предлог за претседател на Собранието.
Член 22 вели:
(1) Кандидат за претседател на Собранието може да предлага комисијата за прашања на изборите и на именувањата или најмалку 20 пратеници.
(2) Пратеник може да биде предлагач само на еден кандидат за претседател на Собранието.
Со преминување на точката 4, беше суспендирано правото на сите други пратеници да предложат свој кандидат за претседател на Собранието, како и правото утврдено со Деловникот комисијата за прашањата на изборите и на именувањата да даде предлог.
СДС целосно ги погази и одредбите што се однесуваат на евидентните листи што се изработуваат за седниците.
Член 30 гласи: Пратеникот што е спречен да присуствува на седницата на Собранието е должен за тоа да го извести претседателот на Собранието до почетокот на седницата. Таква работа немаше.
Член 32 гласи: За присуство на пратениците на седниците се води евидентен лист што е отворен во текот на одржување на седницата, кој сега го немаше, а на крајот од работниот ден се предава на претседателот на Собранието, што сега не се случи.
На импровизираното нелегитимно продолжение немаше пријавување присутни ниту отсутни пратеници, ниту постои каков било евидентен лист!
СДС целосно ги погази и одредбите што се однесуваат на утврдувањето на неопходниот кворум за работа на Собранието.
Член 95 вели: Собранието може да одлучува ако на седницата присуствува мнозинство од вкупниот број пратеници. Собранието одлучува со мнозинство гласови од присутните пратеници, а најмалку со една третина од вкупниот број пратеници, ако со Уставот не е предвидено посебно мнозинство. Претседателот на Собранието го соопштува бројот на пратениците што гласале „за“, „против“ или „воздржано“, како и бројот на пратениците што се присутни. Дали некој прочита број на присутни пратеници? Апсолутно не. Претседателот на Собранието може да определи да се утврди бројот на присутните пратеници со броење. Што не беше случај. Утврдениот број на присутни пратеници се смета за точен сѐ додека претседателот или еден пратеник, чиешто барање го поддржуваат најмалку десет пратеници, не побара повторно да се утврди бројот на присутните пратеници.
На импровизираната, нелегитимна седница не беше утврден кворум, воопшто не постоеја услови кворумот да биде утврден, така што се доведува во прашање бројот на пратеници во салата и кворумот за работа!
Политичкото насилство на СДС го погази и член 107, кој вели:
За работата на седницата на Собранието се водат стенографски белешки. Составен дел на стенографските белешки се и неодржаните говори на пратениците што на седницата во текот на претресот писмено се приложени со ознака дека говорот не е одржан на седницата. Стенографските белешки за работата на седницата на Собранието се чуваат во документацијата на Собранието, во електронски дигитален формат и во тврда копија. Сега ги нема. Стенографските белешки се објавуваат на интранет (внатрешна мрежа на Собранието) и на веб-страницата на Собранието (интернет). Од оваа импровизирана, нелегална и фиктивна седница не постојат стенографски белешки!
СДС направи преседан и ги погази сите одредби што се однесуваат и на самиот чин на гласање.
Член 96
(1) Јавното гласање се врши со употреба на технички средства или со кревање рака. Технички средства се копчињата што ги има пред секој пратеник за гласање „за“, „против“ или „воздржан“.
(2) Начинот за употреба на техничките средства се уредува со акт што го донесува генералниот секретар на Собранието.
Службата што ги раководи техничките средства беше изолирана, немаше можност за гласање со технички средства, како што е вообичаено!
Во конкретниот случај, СДС фиктивно си го утврди бројот на пратеници што гласаа за нелегитимниот предлог, без утврдување гласови „за“, „против“ и „воздржани“, спротивно на членот 26.
За претседател на Собранието е избран кандидатот што добил мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Ако за претседател е предложен еден кандидат и ако при првото гласање не го добие потребното мнозинство гласови, се повторува целата изборна постапка.
Криминалната одлука на СДС не е објавена, ниту, пак, може да биде објавено нешто што е незаконско во „Службен весник“, иако Законот за Собрание и членовите 37 и 39 го предвидуваат тоа. Таа фиктивна одлука и формално правно не постои.
Таква незаконска одлука и не може да постои затоа што СДС во својот обид за државен удар ги исклучи службите на Собранието, чијашто работа е дефинирана со членот 40 од Закон за Собрание и со членот 235 од Деловникот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Ситуацијата е алармантна и треба да се реагира: Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата поднесоа Информација за енормното загадување на воздухот
-
Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ до Собранието доставија предлог за формирање Анкетна комисија
-
Граѓанин вербално ги нападна Стојаноски, Лазаревска и Тунтев, интервенираше полицијата (видео)
-
Џафери: Ако референдумот пропадне, одлучуваат институциите