| четврток, 6 декември 2018 |

Дибиров: Од Келн ќе се вратиме со последниот авион

Timur-Dibirov-683x437

Вардар – Барселона, Веспрем – ПСЖ се полуфиналните двојки на Фајналфор турнирот во машката ракометна Лига на шампиони во Келн. Слаби екипи во завршната фаза, секако, нема. Останаа најквалитетните, четворката што покажа најмногу низ групната фаза, осминафиналето и четврт-финалето. „Црвено-црните“ се задоволни што се разминаа со Веспрем оти, како што рече тренерот Раул Гонзалез, многупати играле меѓусебно. На дуелот со Каталонците гледаат спектакл, можност за уживање, но и прилика да се демонстрира квалитет и да се докаже дека не случајно беше освоено првото место во групата.

„Задоволни сме од ждрепката. Ќе излеземе рамноправни на терен и среќен сум што доживеав толку важен и значаен меч. Барселона не е екипата што сакавме да ја избегнеме, но не очекува тешка работа во Келн. Ќе одиме со желба да се надигруваме, а не само да го гледаме европскиот крем. Од Келн ќе се вратиме со последниот авион“, оптимистички најавува рускиот репрезентативец, Тимур Дибиров.

Но, не е Дибиров единствен што гледа така во пресрет на судирот со тимот на Кире Лазаров и Борко Ристовски. Храбар пристап и од капитенот Стојанче Стоилов кој смета дека вардарци имаат, скоро, подеднакви шанси како и останатите три учесници на завршниот турнир.

„Лично не сакав да играме со ПСЖ во полуфинале. Ја добивме Барселона која има одличен тренер и играчи. Мора добро да се подготвиме и на психолошки и на физички план. Зошто да не се обидеме и трофејот да го освоиме кога веќе ќе бидеме таму“, коментира Стоилов.

Раул Гонзалез со суперлативи за Барселона, со доверба кон своите ракометари и со верба во најдоброто по Вардар.

„Не знам дали е добро или лошо што ќе играме со Барселона меѓутоа не сакав против Веспрем. Барселона е одлична екипа, беше прва во својата група, играат одлична одбрана и имаат добри голмани. Мора да се подготвиме за настап со срце и мозок. Ако одиграме како со Фленсбург, тогаш имаме шанса да победиме. Барселона ќе го игра најдобриот ракомет во Келн, но и јас се надевам на најдоброто“, истакна Шпанецот на клупата на „црвено-црните“.

Лига на шампиони (м) – Фајналфор

Полуфинале

Веспрем – ПСЖ (3 јуни, 15.15 ч.)

Вардар – Барселона (3 јуни, 18 ч.)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top